Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска не ја исклучува можноста до крајот на годинава да има нов ребаланс на Буџетот. Вели дека се разгледуваат состојбите и дека ќе се носи одлука дали ќе се оди со пренамена или со ребаланс.
Димитриеска-Кочоска признава дека во ребалансот што беше донесен во јули годинава не можеле да ги предвидат настаните на светско ниво, односно зголемувањето на кризата на Блискиот исток и движењето на цените на нафтата на светските берзи.
Сега ги разгледуваме состојбите во Министерството за финансии, па ќе носиме одлука дали ќе одиме само со пренамена или ќе одиме со ребаланс на Буџетот, изјави Димитриеска-Кочоска.
Вели дека податоците до 10 септемеври покажуваат дека Буџетот се полни согласно планираното, а состојбата со акцизите се следи и до крајот на неделата ќе има состанок со Царинската управа и со УЈП и врз основа и на нивни согледувања ќе се носи одлуката за ребаланс или пренамена.
Доколку се одлучиме за ребаланс, тоа не е нешто што е непознаница. И во претходните години кога имаше кризи се носеа по два ребаланси. Нормално е дека ваквите состојби кои што не зависат од нас не можат однапред комплетно да се предвидат, изјави Димитриеска-Кочоска.

