Повеќе од 80 години по завршувањето на Холокаустот, збирка писма од преживеани од непосредниот повоен период за прв пат се објавува на германски јазик.
Во понеделник, Меѓународниот меморијален центар „Јад Вашем“ ја претставува книгата „По толку многу болка и страдање – првите писма по холокаустот“ во соработка со Кругот на пријатели на „Јад Вашем“, Фондацијата „Алфред Ландекер“ и издавачката куќа „Хердер“.
„За разлика од мемоарите напишани подоцна, овие писма честопати директно и нефилтрирано го запишуваат она што ги окупирало преживеаните кратко по ослободувањето“, наведува издавачот.
Кај нив, триумфот е помалку одразен, а многу повеќе тагата поради загубата на домот и најблиските.
„Писмата зборуваат за најголемиот злостор во историјата на човештвото“, изјави германската министерка за образование Карин Приен по повод германското издание на збирката, која е достапна на англиски јазик од 2016 година.
Прин изрази надеж дека овие сведоштва ќе го направат она што е доживеано разбирливо за идните генерации, „со цел да се пренесе сочувство, разбирање и, не помалку важно, вредноста на нашата демократија“.
Книгата од 352 страници ги обединува писмата напишани на руски, германски, француски, унгарски, хебрејски, јидиш, словачки, холандски и полски, подредени биографски, географски и историски.
Објавувањето документи од „моментот помеѓу пеколот и надежта“ е предупредување од минатото, рече Каи Дикман, претседател на Кругот на пријатели на Јад Вашем во Германија.
Писмата „покажуваат дека ослободувањето не е крај на приказната, туку почеток на нов, честопати неизмерно тежок живот. Овие сведоштва од прва рака се богатство на знаење што мора да го зачуваме“, рече Дикман.

