Еден билет кој ќе важи и за воз и за автобус, најавува градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Интегрираниот систем со кој патниците не би плаќале одделно за различен јавен превоз треба да стане реалност до средина на идната година.
Да не се симнувате од воз, а сте платиле 40 денари, па да се качите во автобус и да платите уште 35 денари. Со еден билет да можеш да се качиш од Зелениково и да отидеш до Ѓорче Петров, вели Ѓорѓиевски за „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Системот ќе се работи заедно со Министерството за транспорт, а според Ѓорѓиевски, со интегрирањето на билетите ќе се намалат трошоците за граѓаните што користат воз и автобус.
На новите автобуси, Ѓорѓиевски вели дека нема да дозволи да има реклами на нив.
Јас не сум за реклами на новите автобуси, особено не сум за реклами на местата кои што многу често јавноста ги критикува, а тоа се прозорите на автобусите, прво од безбедносни причини, а потоа и од практични причини. Да сумираме, на новите автобуси нема да дозволам да има реклами, изјави Ѓорѓиевски.

