Пожарникарите од Струмица вечерва имале необична интервенција – по повик од родители интервенирале во станот каде живееле, а во кој била нивната малолетна ќерка која неколку часа не одговарала на нивните телефонски повици.
Кога влегле во станот преку терасата, го виделе девојчето како спие не слушајќи го ниту ѕвонењето на вратата.
Вечерва, на улицата „4 Јули“ во Струмица, пожарникарите-спасители од ТППЕ Струмица учествуваа во една малку поинаква, но за родителите особено вознемирувачка акција. Откако малолетното девојче неколку часа не одговарало ниту на телефонските повици, ниту на ѕвонењето на вратата, родителите побараа помош од ТППЕ Струмица. Станот се наоѓаше на четвртиот кат. Со помош на авто-скалата, пожарникарите-спасители пристапија до терасата, по што беше овозможено отворање на вратата и влегување во станот. А таму – наместо опасност, ги дочека една сосема неочекувана глетка. Девојчето беше безбедно и едноставно спиеше во длабок сон, не слушајќи ги ниту телефонските повици, ниту ѕвонењето на вратата, информираа вечерва струмичките пожарникари.