По повод 35 години од своето постоење, „Матица македонска“ го објави јубилејното издание „Ветрот носи убаво време“ од Ацо Шопов – книга што на едно место обединува три пресудни точки од поетската еволуција на еден од основоположниците на современата македонска книжевност.
Во новото издание се обединети поетските книги „Стихови за маката и радоста“ (1952), „Слеј се со тишината“ (1955) и „Ветрот носи убаво време“ (1957) – три книги објавени во само пет години во кои македонската поезија минува низ едно од своите најважни созревања: од освојувањето на правото на интимен, личен и автентичен поетски глас, преку продлабочувањето на поетската рефлексија, до исчекорот кон една посложена и модерна поетика.
Овие три книги, како што нагласуваат од „Матица македонска“, имаат исклучително место во развојот на македонската поезија.
-Со „Стихови за маката и радоста“, Шопов го отвора просторот на субјективноста во македонската поезија во време кога тоа претставувало и книжевен и духовен предизвик. „Слеј се со тишината“ го продлабочува тој пресврт и го најавува поетот кој сè поодлучно ја напушта еднозначноста на непосредната исповед. А со „Ветрот носи убаво време“ веќе се отвораат просторите на егзистенцијалното, на тајната, на убавината и минливоста, на љубовта, тагата, човекот и неговото трагање по смислата. Оттука, ова издание не е само нов избор од поезијата на Ацо Шопов. Тоа е можност во еден том да се проследи раѓањето и созревањето на една од најзначајните поетики на македонскиот XX век, наведува „Матица македонска“.

