Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека договорил средба со американскиот колаега Доналд Трамп на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк, која според него „може да промени многу“ работи.
Најавата за средбата Зеленски ја даде во објава на социјланите мрежи по телефонскиот разговор што го имал со Трамп.
„Ова беше важен разговор и успеавме да разговараме за многу работи. Оваа средба може да промени многу. Постои дипломатски моментум“, напиша Зеленски.
Тој во објавата му се заблагодари на Трамп за неодамнешната посета на Киев на американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, нагласувајќи дека разговорите опфатиле клучни прашања и им овозможиле на двајцата претставници на Белата куќа да ја видат ситуацијата во Украина од прва рака.
– Мирот е приоритет број еден. Постојат идеи во врска со чекорите за деескалација и фундаменталните безбедносни прашања – енергија, храна и заштита на животите на луѓето. Соработуваме со американскиот тим и сме подготвени да преземеме навистина сериозни чекори, наведе Зеленски.
Тој, исто така, му се заблагодари на Трамп и за потпишувањето на Законот за санкции кон Русија и Иран, со кој се прошируваат санкциите и другите ограничувања насочени кон Москва и се одобруваат нови царини за земјите што купуваат руски енергетски производи.
Законот, кој Трамп го потпиша на 18 септември, му дава на американскиот претседател овластување да воведува тарифи до 100 отсто на петте најголеми купувачи на руска нафта и природен гас, како и на пет земји што ѝ помагаат на Москва да ги заобиколи енергетските санкции.

