Поранешниот американски амбасадор во Србија, Кристофер Хил, изјави дека е разочаран и изненаден од одлуката водачите на поранешната ОВК да бидат осудени на вкупно 81 година затвор.
Хил, кој беше специјален претставник на САД за Косово и сведок на одбраната во постапката во Хаг против лидерот на ОВК, рече дека неговиот став е дека ОВК била многу помалку организирана отколку што рекле нејзините членови, објави косовскиот онлајн весник „Фронт онлајн“.
„Бев многу разочаран кога ја слушнав веста за пресудата. Секако, ова е судска одлука и дипломатите имаат ограничени можности да зборуваат за тоа. Мора да почекаме на адвокатите. Според мене во тоа време, ОВК беше многу помалку организирана отколку што самите нејзини членови велеа, но постоеше идеја дека сакаат да се претстават како добро организирани. Идејата дека се добро интегрирани, од најниско до највисоко ниво, никогаш не ми беше убедлива. Во секој случај, мојата работа беше да најдам начин да се постигне мир, да се обезбедат правата на луѓето и да се продолжи напред“, рече Хил.
Хил го пофали Тачи, опишувајќи го како способен командант кој бил многу зрел за својата возраст.
„Хашим Тачи беше личност со сериозен карактер и многу зрел за својата возраст. Тачи разбираше дека Косово треба да биде во подобра позиција, и јас секогаш го ценев тоа. Не верувам дека тој бил вмешан во кривични дела. Никогаш не сум стекнал впечаток дека Тачи бил вмешан во незаконски активности“, изјави Хил за „Клан Косова“.
Тој изрази став дека албанскиот народ не треба да чувствува гнев, туку да се надева на „пресудата на Апелациониот совет во Хаг“.
„Би апелирал да нема гнев поради оваа одлука. Мораме да гледаме кон иднината и да се надеваме дека одлуката на Апелациониот суд ќе биде во корист на поранешните лидери на ОВК“, рече Хил.
Хил, кој беше член на преговарачкиот тим на Ричард Холбрук, минатата година сведочеше во одбрана пред Специјализираните совети на Косово во Хаг. Таму, меѓу другото, изјави нешто слично: дека немал причина да верува оти Тачи учествувал во активностите за кои му се судело, ниту пак некогаш слушнал дека тој наредил какви било незаконски дејствија.
Во тоа време, тој исто така напомена дека не знае дали Тачи бил меѓу основачите на ОВК – забележувајќи дека, врз основа на она што го видел, можел да заклучи оти не бил, иако на крајот не можел ниту да го потврди, ниту да го негира тоа.
Хашим Тачи и Јакуп Красниќи во првостепена постапка беа осудени на вкупни затворски казни од по 25 години за воени злосторства. Кадри Весели беше осуден на 18 години, а Реџеп Селими на 13 години затвор. Судскиот совет ги прогласи Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели за виновни за воени злосторства извршени врз цивили и лица кои не учествувале активно во непријателствата. Според одлуката на Советот, тие се виновни за военото злосторство произволно лишување од слобода на 385 лица, сурово постапување кон 49 лица, мачење на 303 лица и военото злосторство убиство на 96 лица.

