Веруваме во европските вредности и ќе продолжиме така, за конечно да најдеме излез од оваа заклучена ситуација во која се наоѓаме сега. Очигледно мораме да чекаме, но не само што чекаме, туку и правиме нешто. Се градиме и развиваме. Ова го изјавил премиерот Христијан Мицкоски на панел-дискусијата на самитот „Конкордија“ во Њујорк, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на ОН.
На панел-дискусијата со грузиската заменик-премиерка Мака Ботчоришвили, Мицкоски говорел за евроинтеграциите, односите со САД, инфраструктурните проекти и економските показатели на земјата.
Пемиерот нагласил дека Македонија повеќе од две децении поради некои вештачки причини, не успеала да стане дел од ЕУ и покрај сите направени отстапки – промена на знамето, Уставот и уставното име
Според него, преговорите со ЕУ требало да служат за реформирање на институциите, а не за менување на македонскиот идентитет и решавање билатерални барања.
Ние го почнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. И, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно, еден ден ќе го постигнеме овој камен темелник. Во меѓувреме, фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна бидејќи во минатото направивме премногу отстапки: го сменивме знамето, Уставот го сменивме неколкупати, дури го сменивме и уставното име и сето тоа ни изгледа како приказна без крај. Но, како и да е, ние веруваме во европските вредности и ќе продолжиме така за конечно да најдеме излез од оваа заклучена ситуација во која се наоѓаме сега. Очигледно мораме да чекаме, но не само што чекаме, туку и правиме нешто. Се градиме и развиваме – рече премиерот.

За нас, за мојата генерација, преговорите со ЕУ беа еден вид начин да се променат институциите – не да се промени идентитетот. За жал, има некои земји членки што се обидуваат да решат некои билатерални прашања и не да ги променат нашите институции, туку да го променат нашиот идентитет. И ние сме жртва на еден вид малтретирање: или сте внатре или сте надвор, а ако сакате внатре, мора да го проголтате она што го бараме од вас. Но тоа е опцијата и нема подобра опција за мојата земја. И бидејќи нема подобра опција, подготвени сме да одиме напред и да најдеме излез од оваа ситуација – рече Мицкоски.
Тој го посочил неформалниот документ претставен од Франција и Германија, за кој вели дека од Брисел има најави дека би можел да стане официјална политика на ЕУ.
„А во меѓувреме ние целосно ја усогласивме нашата заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ. Нашето законодавство е помалку или повеќе усогласено со она на ЕУ. Ние не само што чекаме, ние работиме на нашиот развој, ја завршуваме нашата домашна задача, не го губиме времето, туку напротив – ова е нашиот стратешки камен-темелник и ќе останеме на тој пат напред“изјавил премиерот Мицкоски.
Освен на односите со Европската Унија, премиерот Мицкоски се осврнал и на стратешкото партнерство со САД и изјавил дека сака да бидеме пример за американското присуство во регионот и во Европа.

За врема на дискусијата, Мицкоски потсетил и на соработката во воената индустрија, енергетиката и ископувањето на критичниот минерал антимон преку американската агенција ДФЦ.
Во контекст на соработката со САД и НАТО, премиерот Мицкоски ги претставил и стратешките инфраструктурни проекти на кои работи Македонија.
Споменал дека е обновен нафтоводот Солун-Скопје кој овозможува стабилно снабдување, задоволување на домашните потреби и извоз во регионот, но и дека се работи на гасовод што го поврзува пристаништето Александрополи со Централна Европа.
„Бидејќи овој гасовод е безвреден ако не го поврземе со интерконекторот кон север, кон Србија, започнавме гасовод кон Србија со кој го поврзуваме ЛНГ-пристаништето во Александрополи со Централна Европа. Го започнавме овој проект пред неколку недели и очекуваме гасниот интерконектор кон југ да почне со работа најдоцна до крајот на четвртиот квартал од 2027 година, а северниот интерконектор ќе почне да работи на крајот од 2028 година“рекол Мицкоски.
Во обраќањето на самитот „Конкордија“ во Њујорк, на кој учествувале низа американски и светски лидери и претприемачи, премиерот Мицкоски се осврна и на позитивните економски резултати, постигнати и покрај низата кризи во Европа и на Блискиот Исток

