Додека мојата партија е на власт, во Унгарија нема да се гради украински објект за складирање нафта, изјави унгарскиот премиер Петер Маѓар во Парламентот во Будимпешта, по информациите дека унгарската компанија МОЛ и украинскиот „Нафтогаз“ потпишале меморандум за разбирање за развој на енергетска инфраструктура во регионот.
Според Маѓар, МОЛ преговарал за можната изградба на складишниот објект со украинската страна без согласност на унгарската Влада.
„Складиштето, во врска со кое МОЛ потпиша меморандум за разбирање, нема да се гради ниту на унгарско-украинската граница, ниту на друго место. Ако го прочитате неодамна објавеното соопштение ќе видите дека во него се наведува оти тоа е само теоретска можност. Дури и да се реализира ќе бидат потребни години. Но, сакам да кажам тука и сега: сè додека Владата на партијата Тиса е на власт, тоа нема да се случи“, рече Маѓар.
Тој изјави дека таквата изградба е неприфатлива и дека во врска со случајот ќе има последици.
Според унгарските медиуми, Маѓар претходно испратил писмо до претседателот и извршен директор на МОЛ, Жолт Хернади, во кое побарал компанијата во иднина да се однесува кон државата во согласност со фактот дека унгарската држава поседува 25 проценти од неа.
Прашањето за можен складишен објект беше покренато откако лидерот на пратеничката група на опозициската Христијанско демократската народна партија (КДНП), Бенце Ретвари, изјави дека за договорот меѓу МОЛ и „Нафтогаз“ Владата во Будимпешта дознала од украинските медиуми.
Со меморандумот за разбирање што го потпишаа МОЛ и „Нафтогаз“ се предвидува соработка во развојот на регионалната енергетска инфраструктура, вклучително и можност за изградба на складишен објект за јаглеводороди во Унгарија. Меморандумот беше потпишан на Самитот на „Карпатската иницијатива“ што ја покрена украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Унгарија на Самитот ја претставуваше унгарскиот заменик-амбасадор во Киев.
Во врска со Самитот, Маѓар рече дека Унгарија била поканета да учествува во иницијативата, но дека унгарската Влада не ја прифатила поканата. Тој посочи и дека МОЛ започнал преговори со „Нафтогас“ уште за време на мандатот на претходната Влада на Виктор Орбан.

