Експлозија се случи денес, кратко пред 8 часот наутро, во Плака – најстарата населба во Атина – при што тешко е оштетена станбена зграда, а еден минувач се здобил со полесни повреди, соопшти локалната противпожарна служба.
Експлозијата се случила во стара двокатна зграда на улицата „Лисикратус“, спроти Храмот на Олимпискиот Зевс, пренесува „Прото Тема“.
Пожарникарите кои пристигнале на местото на настанот евакуирале две жени од соседната зграда; тие потоа биле пренесени во болница.
Експлозијата била исклучително силна и се слушнала низ поголемиот дел од центарот на Атина; остатоците од зградата оштетиле паркирани автомобили, додека ударниот бран предизвикал штета и на продавниците во околината.
Од противпожарната служба наведоа дека експлозијата предизвикала и помал пожар.
Според првичните информации, причина за експлозијата е истекување на природен гас.

