Општина Центар отстрани руиниран и напуштен објект на улицата „Петричка“ во Маџир Маало, кој со години претставувал ризик за безбедноста и здравјето на граѓаните.
По извршената инспекциска проверка е утврдено дека станува збор за објект без сопственик, импровизирана градба која беше претворена во дива депонија, легло на глодари и други штетници. Објектот е отстранет, а теренот целосно расчистен од шутот и наталожениот отпад.
Од Општина Центар апелираат до граѓаните да ги пријавуваат ваквите локации, со цел надлежните служби навреме да реагираат и да ги отстранат потенцијалните ризици по безбедноста, здравјето и хигиената.
Секаде каде што имаме надлежност, ги расчистуваме вакви критични точки. Најчесто станува збор за објекти кои со децении имаат проблем со нерасчистени имотно-правни односи. Ваквите стари и распаднати градби со тек на времето стануваат депонии, места каде се собираат бездомници и животни. Но, секогаш кога законот ни дозволува, постапуваме веднаш и решително, бидејќи безбедноста на граѓаните, хигиената и чистата и здрава животна средина се врвен приоритет, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

