Иако величењето на воени злосторници е кривично дело во Босна и Херцеговина, смртта на поранешниот командант на војската на босанските Срби, генералот Ратко Младиќ, кој беше осуден за геноцид и други воени злосторства, ги зголеми емоциите и неофицијално стана дел од изборната кампања за општите избори во БиХ закажани за 4 октомври.
„Како да сме сè уште во 90-тите години и не можеме да продолжиме понатаму“, вели за Би-Би-Си Белмин Брко, студент на Факултетот за политички науки во Сараево, оценувајќија изборната кампања пред изборите во БиХ.
Според Брко, од 7.028 кандидати за членови на Претседателството на БиХ и различни други нивоа на власта, едвај може да се најде име кое вреди да се заокружи, бидејќи малкумина нудат решенија за бројните проблеми, како што се недоволните можности за младите, високите цени или инфлацијата.
Наместо тоа во медиумите доминираат националистички расправии, поттикнати од смртта на Младиќ. Погребот на Младиќ со воени почести во Белград, на кој присуствуваа и водечки политичари од Република Српска, одржан во раните денови од изборната кампања во БиХ, го наведе босанскиот министер за надворешни работи Елмедин Конаковиќ да го повлече персоналот од Амбасадата во Белград и да протера двајца дипломати од Српската амбасада.
Според 25-годишната Јована Мишикиќ од Брчко, наместо да се натпреваруваат околу тоа чија реформска агенда ќе ги воодушеви гласачите, политичарите бројат кој колку денови минал на фронтот во војната во 90-тите години на минатиот век. Во конфликтот во оваа поранешна југословенска република загинаа околу 100.000 луѓе, а 2,2 милиони беа раселени.
Иако Младиќ беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг за злосторства против несрпското население, а Обединетите нации го прогласија 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница, населението на Република Српска во голема мера сè уште го смета генералот за херој.
Оваа поделба совршено се вклопи во изборната кампања во земјата каде што трите националистички партии на трите конститутивни народи речиси секогаш освојуваа најмногу гласови од воведувањето на повеќепартискиот систем во 1990 година.
„Смртта на воените злосторници е задоволство за националистите, особено во кампањата. Гласачите нема да размислуваат толку многу за лошата економска состојба и недостигот на реформи додека ја гледаат жестоката конфронтација меѓу водачите на нивните народи, кои толку многу ги ограбија во последните неколку децении, што нивната единствена утеха и поддршка е националната гордост“, изјави за Би-Би-Си политичката аналитичарка од Сараево, Ивана Мариќ.
Во Привремениот извештај на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) се наведува дека изборите во БиХ се одржуваат во „поларизиран политички амбиент, обележан со поделени реакции на смртта на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ“.
Величењето на воените злосторници е кривично дело во БиХ од 2021 година, поради што кандидатите не го споменуваат Младиќ во своите говори, но тој е речиси секојдневна тема во медиумите и во разговорите меѓу жителите.
Покрај кривичната одговорност, за време на изборната кампања, кандидатите можат да бидат казнети и од Централната изборна комисија или со парични казни или со поништување на нивната кандидатура.

На општите избори во БиХ, кои се одржуваат на секои четири години во првата недела во октомври, се избираат членови на тричленото Претседателство, претседател и потпретседатели на на Република Српска, како и членови на државното Парламнетарно собрание, на парламентите на два ентитета и на 10 кантонални собранија.
Национализмот ги разгорува емоциите
Политичките партии честопати ги темелат своите кампањи на дискредитација на своите ривали, но и на приказни за непријатели, одбрана на државата или зајакнување на независноста на Република Српска.
Сепак, оваа година тие ја искористија истрагата на Обвинителството на БиХ против некои од највисоките функционери на Република Српска поради величење на Младиќ, за да испратат политички пораки.
„Ова покажува колку е поделена и невозможна БиХ и колку Судот и Обвинителството на БиХ треба да бидат инструменти на исклучиво бошњачката политика“, изјави Милорад Додик, лидер на Сојузот на независни социјалдемократи, најсилната партија во Република Српска.
Иако не е кандидат, Додик како претседател на партијата е клучна фигура на предизборните митинзи на СНСД, а пред неколку дена рече дека претстои борбата за повисок степен на независност за Република Српска.
Кандидатите од најголемата бошњачка партија, Партијата за демократска акција (СДА), често зборуваат на митинзите за одбрана на БиХ „од непријателите“.
Хрватската демократска заедница на Босна и Херцеговина, најголемата хрватска партија во земјата, во голема мера ја темели својата кампања на идејата за воспоставување трета изборна единица, со цел членот на Претседателството на БиХ од редовите на Хрватите да се избира само од кантоните каде што партијата е најпопуларна.
„Национализмот е стока со која лесно и ефикасно се тргува во политиката. Национализмот буди емоции, а токму тоа им е потребно на политичарите“, смета Младен Бубоњиќ, експерт за комуникации од Бања Лука.
Иако ги поттикна меѓуетничките тензии, смртта на Младиќ, според Момир Дејановиќ, претседател на Центарот за хумана политика, не им помогна особено на политичарите во Босна и Херцеговина, „бидејќи тие одамна ги тргнаа настрана важните теми“ или се нечесни во врска со нив.
„Нивните лични, партиски и коруптивни интереси што ги остваруваат држејќи ја власта се поважни од нивниот народ, што значи дека економските и другите важни прашања не се занемаруваат поради национализмот, туку поради корупцијата“, вели Дејановиќ.
Босна и Херцеговина со години стагнира на патот кон Европската Унија, а, според невладината организација Сојуз за одржливо враќање, од 2013 година земјата ја напуштиле повеќе од половина милион луѓе.

Околу 50 проценти од младите сакаат да заминат, а речиси една третина не веруваат во подобра иднина во БиХ, што ја прави земјата најниско рангирана во регионот, според податоците од Фондот за население на Обединетите нации.
Каде отиде економијата?
„Не ме интересира националистичка приказна, сакам да слушнам нешто прогресивно, подобро здравство, образовен систем, можности за работа за млади луѓе и професионален развој“, вели Белмин Брко.
Во изборните програми, слушнал за непријатели, за разграничување, но не и за проблемот со водоснабдувањето на Сараево поради сушите и големите загуби на вода поради застарената инфраструктура.
„Национализмот не ги плаќа сметките, имаме реални проблеми, кои систематски се занемаруваат“, додава Брко, кој е загрижен и затоа што веќе некое време нема никакви приходи.
Тој е надворешен соработник во Јавниот радиодифизен сервис на Босна и Херцеговина (БХРТ), чии сметки се блокирани поради долгови, па вработените не добиваат плати и хонорари, а неколку емисии се откажани.
„Кој зборува за решение за БХРТ? Речиси никој“, огорчен е Брко.
Јована Мишкиќ, исто така, верува дека има премалку предлози за тоа како да се решат реалните проблеми на луѓето во Босна и Херцеговина.
„Партиите ги избраа добрите стари проверени теми, главно засновани на националистичка пропаганда, барање непријатели, групирање во услови на непосредна опасност“, вели оваа млада поетса и волонтерка.
За босанските политичари, национализмот е „златна кокошка“, смета Младен Бубоњиќ.
„Економските прашања добиваат помалку внимание, бидејќи не предизвикуваат страв, како апсењата, смртните случаи или одбележувањето на траумите од минатото“, вели Бубоњиќ.
Во земја каде што просечната плата е околу 500 евра, а невработеноста официјално е над 12 проценти, ветувањата за нови работни места се редовен дел од предизборните говори на политичарите.

Сепак, за нив се зборува на таков начин што „би било подобро воопшто да не зборуваат за тоа“, вели економистот Игор Гавран.
„Слушаме глупости за десетици милијарди инвестиции и десетици илјади нови работни места без ниту еден аргумент или објаснување како да се постигне тоа“, вели Гавран.
Бакир Изетбеговиќ, лидерот на СДА, вети дека ќе создаде 50.000 нови работни места и ќе инвестира 50 милиони марки (25 милиони евра) ако ја освојат власта.
Изетбеговиќ претходно најави 100.000 работни места, но „Истиномер“, организација која ја проверува точноста на изјавите на јавни личности, го оцени ова тврдење како неточно.
Социјалдемократската партија на Босна и Херцеговина (СДП), најголемата владејачка партија во Федерацијата Босна и Херцеговина, им нуди на граѓаните т.н. програмски договори со минимална плата од 1.000 евра, повисоки пензии и примарна здравствена заштита.
И покрај економските проблеми и посветеноста кон обединета Босна и Херцеговина, на предизборните митинзи, како оној во Сански Мост на 12 септември, на членовите на СДП им се поставува и прашањето: „Што е за вас Ратко Младиќ?“.
Гавран забележува дека вниманието во кампањите е насочено на таков начин што сè наликува на првата повоена година – 1996 година, а не 2026 година.
„Сегашните влади се покажаа неспособни да управуваат со економијата и немаат што да понудат. Но, изненаден сум од опозицијата затоа што економијата е темата на која би можеле да соберат најмногу поенти, најмногу критики“, додава Гавран.
Според него, ова зборува или за немање конкретни планови од страна на политичарите или за состојбата на свеста на гласачите кои се „привлечени од неуспешни теми“.
Драшко Станивуковиќ, градоначалникот на Бања Лука, кој присуствуваше на погребот на Младиќ во Белград и беше обвинет за кривично дело, објави дека ќе исплаќа 13-та пензија ако биде избран за премиер на Република Српска.
Неговата Партија за демократски прогрес (ПДП) е во опозиција на ниво на српскиот ентитет, но го дели ставот на владејачките партии во Република Српска за војната во Босна.
„Во Босна, идеологијата што се користи за победа на избори и преземање на власта е национализмот“, заклучува Дејановиќ.

