Американскиот бизнисмен од српско потекло и прв премиер на Сојузна Република Југославија, Милан Паниќ, почина на 97-годишна возраст во Калифорнија, соопшти неговото семејство.
Паниќ остана запаметен како необичен феномен на српската политичка сцена, каде што се појави во 1992 година во времето на распадот на социјалистичка Југославија, повикувајќи на мир на Балканот, додека некои лидери се залагаа за решавање на проблемот со оружје.
Во летото 1992 година тој ја прифати понудата на тогашниот претседател на новоформираната СР Југославија, Добрица Ќосиќ, да биде сојузен премиер.
„Проблемот пред ова собир е повеќе мир или повеќе војна“, предупреди Паниќ во својство на југословенски премиер од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации на англиски јазик со силен американски акцент.
Иако почетник во политиката, Паниќ зборуваше мирно и смирено пред светските претставници, само повремено гледајќи ги своите документи.
Тој одлучи да се кандидира за претседател против Слободан Милошевиќ, тогашниот неприкосновен лидер на Србија, на претседателските избори во декември 1992 година, со поддршка на опозициската коалиција Депос, но освои 34 проценти од гласовите и загуби.
„Но, треба да имаме предвид дека без речиси никаква кампања, која траеше само три недели, тој собра повеќе од еден милион гласови“, вели за Би-Би-Си Иван Протиќ, уредник на агенцијата Бета, кој често ги следеше митинзите и активностите на Паниќ на почетокот на 90-тите.
Тој потсетува дека тоа беше најдобриот резултат на еден опозициски кандидат се до Воислав Коштуница на 5 октомври 2000 година, кога беше соборен режимот на Милошевиќ.
Како Паниќ влезе во политиката
Американскиот бизнисмен се појави во српската политика речиси од никаде. Сè започна со распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). По осмаостојувањето на Словенија, Хрватска, Македонија и Босна и Херцеговина, во април 1992 година, Србија и Црна Гора ја прогласија Сојузна Република Југославија, нова држава која наскоро беше под строги санкции на Обединетите нации поради војните во регионот.

Во ткаави услови како кандидат за прв премиер на новата држава се појави претходно непознатиот Милан Паниќ, основач и сопственик на мултимилионската фармацевтска компанија ИЦН.
Него, како што е наведено во книгата „Милошевиќ: Биографија“ на Адам Лебор, прв го предложил Душан Митевиќ, поранешен директор на РТС и советник на Милошевиќ. Лебор наведува дека Митевиќ се сретнал со Милошевиќ и Паниќ.
„Беше тоа љубов на прв поглед. Паниќ е отворен човек со добро срце, а Милошевиќ е банкар кој го разбира бизнисот и му кажа на Паниќ колку е важна приватизацијата“, пишува Лебор.
Британскиот новинар Тим Џуда во својата книга „Косово: Војна и одмазда“ пишува дека првиот премиер на СРЈ „вистински верувал дека бизнисот, парите и економијата можат да ги решат проблемите на Балканот“.
„Тој не беше заинтересиран за етнички конфликти и искрено сакаше мир“, пишува Џуда.
Кој е Милан Паниќ?
Милан Паниќ е роден на 20 декември 1929 година во Белград во тогашното Кралство Југославија.
Неговиот татко починал рано, па пораснал со мајка му. За време на Втората светска војна бил член на партизнаското националноослободителното движење предводено од Тито.
Подоцна студирал медицина и биохемија, а исто така се занимавал и со велосипедизам.
Всушност, тој стигнал до Америка со велосипед, за време на меѓународна трка во Холандија во 1955 година. Тогаш со сопругата пребегал во Австрија, а потоа во Германија.
Пристигнал во САД, како што тврди, со 25 долари во џеб и набрзо ја основал компанијата ИЦН, која стана глобален фармацевтски гигант.
Во повеќето интервјуа, Паниќ се нарекува себеси „мал српски емигрант во Америка“, иако на интернет можат да се најдат негови фотографии со некои од најмоќните луѓе на 20-от век и со повеќето американски претседатели од тоа време, од Роналд Реган до Џорџ Буш и Бил Клинтон.

Во тој период, медиумите често пишуваа за него, поради неговиот финансиски успех, како човек кој „го остварил американскиот сон“.
„Кога ќе помислам на него, првото нешто што ми паѓа на ум е неговиот прилично лош српско-хрватски, хрватскосрпски или српски, како и да го наречете, како и идејата дека многу работи можат лесно да се решат. Тој ја смисли таа идеја и веројатно имаше добри намери, но не ја познаваше добро структурата на владата овде, низ каква шума сè мора да се влече и со кого сè мора да се мачи“, изјави белградскиот новинар Иван Протиќ во 2022 година.
Конфликтот со Милошевиќ
Во својот инаугуративен говор како сојузен премиер, Паниќ зборуваше за признавање на Хрватска и Босна и Херцеговина, како и за повлекување на југословенската армија, што подоцна го повтори и пред медиумите.
Набрзо го разреши Михаљ Кертес, човекот од доверба на Милошевиќ од позицијата заменик-министер за полиција.
„За Милошевиќ, епизодата со Паниќ беше катастрофа и тој мораше да се ослободи од него што е можно поскоро“, вели Џуда.
Еден од најголемите судири меѓу нив двајцата се случи за време на мировната конференција во Лондон во август 1992 година.
Кога пристигнаа во Лондон, пишуваат Лаура Силбер и Алан Литл во нивната книга „Смртта на Југославија“, Милошевиќ „беше повеќе заинтересиран за решавање на политичките спорови со новоназначениот премиер отколку за конференцијата“.
„Тие се расправаа и јавно и зад сцената, а Милошевиќ дури и се закани дека ќе го удри. Во еден момент, Милошевиќ побара да зборува, Паниќ напиша нешто на парче хартија и му го покажа на српскиот претседател. На англиски пишуваше „молчи“, а потоа пред сите рече дека Милошевиќ нема право да зборува“, се вели во книгата.
Лебор го опишува овој момент како „објавување војна на Милошевиќ од страна на Паниќ“.
Следниот ден, на српската делегација ѝ беше презентиран еден од предлозите за мирно решение за ситуацијата во Босна и Херцеговина, а кога делегацијата се повлече за да го разгледа документот „следеше голема расправија“, пишуваат Силбер и Литл.
„Милошевиќ инсистираше да си заминат. Паниќ сакаше да останат. На крајот, Милошевиќ се согласи дека делегацијата може да остане, но само ако Паниќ вети дека ќе молчи“, тврдат тие.
На конференцијата, Паниќ го презентираше и својот мировен план од 12 точки, кој вклучуваше меѓусебно признавање на поранешните југословенски републики според нивните оригинални граници, како и отворање преговори со албанските лидери од Косово.

На Милошевиќ ова воопшто не му се допадна.
„Планот на Паниќ беше да му понуди на Западот отстранување на Милошевиќ во замена за укинување на санкциите. Тој го гледаше тоа како бизнис договор меѓу двајца партнери каде што двете страни имаа што да тргуваат“, пишува Лебор во својата биографија за Милошевиќ.
Сепак, американските претставници не беа заинтересирани за тоа, додава Лебор.
Три дена по Лондонската конференција во Сојузното собрание беше закажано гласање за изгласување недоверба за Владата на Паниќ.
Сепак, Паниќ успеа да остане на функцијата благодарение на гласовите на црногорските претставници во федералниот парламент.
И така, само шест месеци откако беше назначен за премиер како човек на Милошевиќ, тој стана еден од лидерите на опозицијата.
Претседателски избори
Непосредно пред претседателските избори во 1992 година, пишува Тим Џуда, „најважното оружје на Милошевиќ“, Телевизија Белград, која подоцна ќе стане РТС, започна со пропаганда против Паниќ и опозицијата.
За Паниќ се зборуваше дека е агент на американската ЦИА, дека работи на зајакнување на санкциите против СР Југославија и на продажба на Косово.
„Во едно од ретките телевизиски интервјуа, Милошевиќ рече дека шефовите на Паниќ биле во Вашингтон“, пишува Џуда.
Пред изборите во 1992 година беше првата вистинска медиумска кампања во историјата на Србија, со изборни рекламни блокови и митинзи низ целата земја.

„Ова не е битка меѓу двајца, ова е борба меѓу два система, стар и нов“, порача Паниќ од плоштадот во Крушевац.
Милошевиќ освои 57 отсто од гласовите, а Паниќ 34. И по изборите често ги обвинуваше властите за нерегуларности.
Случајот „Галеника“
Компанијата на Паниќ, ИЦН подоцна ја презеде „Галеника“, некогаш најголемиот југословенски производител на лекови.
Договорот меѓу Милан Паниќ и Слободан Милошевиќ за пренамена на државната фабрика во мешовита сопственост е потпишан во 1990 година, пишува „Време“.
Но, и овде, како и на полето на политиката, набргу се појавија проблеми.
Кога „умре љубовта“ меѓу Милошевиќ и Паниќ, американско-српскиот бизнисмен побара од државата милиони долари за неплатени лекови.
Тогаш Владата на Србија со декрет го намали уделот на ИЦН во „Галеника“ од 75 на 35 отсто, ја презеде фабриката и назначи ново раководство.
Во февруари 1999 година, ИЦН ја тужеше СР Југославија пред Суд во Вашингтон за неправедна конфискација на имот.
По падот на Милошевиќ од власт, луѓето на Паниќ повторно влегиа во фабриката, не лесно, туку насилно, пишува „Време“.
Спорот е решен на Меѓународната арбитража во Париз пет години подоцна, така што државата Србија мораше да и плати на американската компанија 50 милиони долари, кои раководството на Паниќ претходно ги инвестирало во „Галеник“, пишува порталот „Екапија“.
Ова задолжување на Србија остана запаметено под името „долг на Паниќ“.
Во 2017 година „Галеника“ беше продадена на компанија од Луксембург.

