Жештините предизвикани од временскиот феномен „Ел Нињо“ загрозуваат 451.000 животи ширум светот, покажуваат прогнозите на организацијата „Клајмат Импакт Лаб“ (ЦИЛ) за последиците од појавата во периодот од јуни оваа до февруари следната година, односно во првата половина од неговото предвидено траење.
Во документот се посочува дека овој пат феноменот е со невидена јачина и нејсилен од досега забележаните, при што особено на удар ќе бидат земјите од Глобалниот југ, поради што тој веќе го доби прекарот „Супер-Ел Нињо“.
За време на феноментот Ел Нињо, температурите ширум светот нагло растат, а тој особено се чувствува во Африка, Латинска Америка и Југоисточна Азија.
Истражувачи од ЦИЛ ги анализираа измерените температури од јуни наваму, како и локалните прогнози за температурите во наредните месеци. Овие податоци тие ги споредија со информациите за смртноста поврзана со жештини во 24.000 различни региони низ светот, по што пресметаа колку животи се загрозени од овој „Супер-Ел Нињо“.
Ел Нињо не влијае подеднакво на сите места, а и секоја област не е подеднакво ранлива на високите температури. Бројот на смртни случаи поврзани со жештини не зависи само од температурата, туку и од фактори како што се инфраструктурата или квалитетот на здравствената заштита.

На удар регионот Сахел
Научниците очекуваат Ел Нињо да предизвика најголем број смртни случаи поврзани со жештини во регионот Сахел. Нигерија е убедливо најзагрозена, со очекувани 31.400 смртни случаи. Во истиот регион, веднаш зад неа следат Судан (17.500 смртни случаи), Нигер (10.000) и Чад (8.000).
Но, загрозена е и Југоисточна Азија. Таму се очекуваат 19.300 смртни случаи во Индонезија, како и уште 19.400 во Филипините, Виетнам, Тајланд и Камбоџа заедно. Понатаму, високо на листата се наоѓаат и Индија (15.800) и Бразил (13.300).
На глобално ниво, истражувачите предупредуваат на 451.000 дополнителни смртни случаи, но додаваат дека оваа бројка веројатно е потценета. Бидејќи долгорочните временски прогнози се помалку сигурни, тие одлучиле да прават пресметки само до крајот на февруари. Сепак, се очекува „Ел Нињо“ да има последици што ќе траат длабоко до следното лето.
Тие се надеваат дека нивното истражување ќе им помогне на националните и локалните власти стратешки да инвестираат во системи за предупредување за горештини, мерки за ранливите групи, јавни простори со можност за ладење и пристап до вода, заштита на работниците и зголемување на болничките капацитети. На тој начин, сепак би можеле да се избегнат дел од тие смртни случаи.
„Ел Нињо“ на влијае само на температурите
Бројката од 451.000 смртни случаи можеби звучи многу висока, но за климатологот Хари Зеколари нема сомнеж дека станува збор за реална проценка. Зеколари не учествувал лично во студијата, но врши проценка на климатските истражувања од целиот свет за Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) на ОН.
„Кога нам, научниците, ни се прикажува толку висока бројка, нашата прва реакција е секогаш човечка. На крајот на краиштата, тоа е исклучително голема бројка. Но, потоа се обидуваме да разбереме како истражувачите дошле до неа“, вели Зеколари.
Тој вели дека поврзаноста на температурата со смртноста позната во научните кругови.
„Од претхозно знаеме во која мера смртноста може да се поврзе со одредени температури. Тие статистички податоци се прилично прецизни. Покрај тоа, „Ел Нињо“ има големо влијание на многу места. Во таков случај, може да се очекува дека ќе се дојде до толку висока бројка“, заклучува климатологот.
Зеколари дополнително напоменува и дека оваа бројка веројатно е потценета, не само затоа што истражувачите правеле пресметки само до крајот на февруари, туку и затоа што го пресметале само бројот на смртни случаи поврзани со горештините.
„Сепак, горештините се само една од последиците на „Ел Нињо“. Во Австралија, на пример, тој предизвикува и поголеми шумски пожари, а во делови од Јужна Америка – поплави. Тие жртви сè уште не се вклучени во оваа студија“, посочува Зеколари.
Најмоќниот „Ел Нињо“ од 1870 година
„Ел Нињо“ е природен временски феномен што се јавува на секои две до седум години. Тој делува како „турбозасилувач“ на топлината во временските услови. Сам по себе, „Ел Нињо“ нема врска со климатските промени, но сепак придонесува за дополнително покачување на температурите.

Тој предизвикува екстремни временски услови низ целиот свет, но Европа главно е поштедена од неговите најтешки последици. Од друга страна, јужната хемисфера, во зависност од локацијата, се соочува или со обилни дождови и поплави или пак со големи суши и екстремни горештини.
Се очекува „Ел Нињо“ годинава да го достигне својот пик во текот на претстојната зима и таа да биде со невидена јачина.
„Се подготвува најсилниот „Ел Нињо“ во досегашната историја на мерењата“, предупреди климатологот Зик Хаусфатер во изјава за научното списание „Нејчр“.
Хаусфатер ја проучувал температурата на водата во Тихиот Океан, која е главниот двигател на „Ел Нињо“. Тој истакнува дека оваа вода е веќе за еден степен потопла отколку во 1997 и 2015 година, месеци пред очекуваниот пик на појавата. Сепак, светот и тогаш се соочуваше со силни епизоди на „Ел Нињо“.
Хаусфатер смета дека сега е многу веројатно овој „Ел Нињо“ да биде најсилниот уште од почетокот на мерењата во 1870 година.

