ГУВЕРНЕТОРОТ на Бангкок денеска го прогласи градот за зона на катастрофа поради огромните поплави кои го зафатија главниот град на Тајланд по обилните дождови.
Главните патишта се поплавени, автомобилите се делумно под вода, а жителите се движат низ вода длабока до половината. Речиси 300 милиметри дожд паднаа во последните 48 часа, а метеоролозите предвидуваат повеќе грмотевици и обилни врнежи од дожд во текот на викендот.
Властите организираат помош, храмовите и училиштата стануваат засолништа
Гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт, изјави дека кризата „претставува ризик за човечките животи“ и може да предизвика штета на јавниот и приватниот имот. Тој рече дека ситуацијата е најкритична во близина на каналот.

Војската поставува засолништа и теренски кујни како дел од напорите за помош, додека властите во главниот град почнаа да ги претвораат храмовите и училиштата во привремени засолништа за жителите погодени од поплавите. Владата издаде итно предупредување до жителите што живеат покрај каналите да ги преместат своите работи на повисоки места, а граѓаните се повикуваат да избегнуваат секакви непотребни патувања.
Сообраќајот е запрен, училиштата се затворени
Сообраќајот е целосно запрен во многу делови од Бангкок. На вработените во јавниот сектор им е наредено да работат од дома во понеделник и вторник, објави тајландската телевизија PBS, додека училиштата исто така ќе останат затворени, објави Каосод.
Главниот аеродром во градот, Суварнабхуми, засега работи нормално. Сепак, туристичкиот одбор им советува на патниците да си дозволат дополнителни два до три часа за пристигнување на летот поради густиот сообраќај.
Граѓаните создаваат резерви
Поплавите предизвикаа толпи во супермаркетите додека жителите складираат намирници. „Исто така, загрижен сум затоа што не купив храна порано. Никогаш порано не сум бил во ваква ситуација, моите родители не се со мене“, рече 19-годишниот Сансук Лаовачаракул.
„Пред тоа предупредување, не ја сфаќав ситуацијата доволно сериозно за да размислувам за заминување“, рече Супакарн Џулавиџитфонг додека го изнесуваше багажот од зграда опкружена со вода. Тајланд беше погодена од најлошите поплави во последните децении во ноември, при што загинаа најмалку 145 луѓе во јужните провинции и беа оштетени илјадници домови.

