Шест лица загинаа во експлозија, веројатно предизвикана од истекување на гас, при која се урна двокатна станбена зграда во населбата Плака во историскиот центар на грчкиот главен град Атина, соопштија денеска локалните власти.
Меѓу загинатите се четворица американски туристи, како и Британец и неговата сопруга, грчка државјанка. Четворица Американци престојувале во стан за краткотраен изнајмување на првиот кат на загадата, додека повозрасната брачна двојка живееле на вториот кат.
Спасувачката операција за потрага по уште две исчезнати лица продолжува во преостанатиот дел од урнатините што сè уште не се пребарани, со употреба на специјализирани уреди за откривање звуци и ендоскопски камери и со „дробилки за бетон“. Во акцијата се вклучени триесет пожарникари и три кучиња трагачи.
Експлозијата се случи вчера околу 07:30 часот по локално време (6:30 часот по средно европско време), предизвикувајќи уривање на зградата и штета на соседните објекти и паркираните возила.
Пожарникарите вчера од соседната оштетена зграда спасија две жени. Од удар од остатоците фрлени од експлозијата полесно беше повредено едно лице.
Тим од Дирекцијата за истрага на пожари, заедно со припадници на грчката полиција, се обидува да ја утврди причината за експлозијата.
Градоначалникот на Атина, Харис Дукас, изјави дека се претпоставува оти силната експлозијата била предизвикана „од многу големо истекување од гасната инсталација“.
Тој нагласи дека двете соседни згради, лево и десно од онаа што се урна, се во многу лоша состојба и дека се разгледува дека ќе мора да бидат урнати, како и дека оштетувања има и на две или три згради од другата страна на улицата.
„Ова е неверојатна катастрофа. Штети има по целата улица, дури и на улицата зад неа. Тоа е неверојатно уништување“, нагласи Дукас.

