Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во интервју за МТВ истакна дека Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ја пропуштила можноста да остави позитивен прв впечаток, бидејќи, како што посочи, ги потценува граѓаните, со тоа што, тврди дека гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што немаат друг избор.
Одговарајќи на новинарско прашање за оценките на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека членовите на платформата 12:05 се платени од власта и работат за Мицкоски, како и дали има амбиција преку платформата да го преземе СДСМ, премиерот рече дека не сака да се меша во внатрешните работи на опозициската партија.
– Видете, јас го следам ова што вие сега го кажувате. Прво ќе го искоментирам почетокот, дека нема алтернатива. Јас жалам повторно што дури и оваа алтернатива којашто се претставува дека е алтернатива на опозицијата, повторно го потценува народот и го навредува со тоа што го прави кусоглед. И таа вели: „вие, бидејќи немате избор, затоа сте за Мицкоски, за ВМРО“. Мислам, самото по себе е, како да кажам, нешто кое што претставува оксиморон во целава ситуација. Но, тоа е нивен проблем – рече Мицкоски.
Тој посочи дека првиот впечаток е особено важен во политиката и во животот и оти, според него, новата политичка група со својот прв настап ја пропуштила можноста да остави поинаков впечаток.
-Знаете, и во животот и во политиката немате втора шанса за прв впечаток. Ако ова е првиот впечаток од оваа група којашто се нуди како алтернатива на моменталното раководство на СДСМ, тогаш жалам, но мислам дека ја испуштија првата шанса, посебно со ова што го кажав. Од првиот чекор тие го навредуваат народот и го потценуваат народот – рече премиерот.
Во однос на актуелното раководство на СДСМ, Мицкоски рече дека тоа се внатрешни работи на партијата и оти не сака да се меша, но нагласи дека на Македонија и е потребна силна опозиција за да има политичка дебата со Владата, а во моментот такво нешто нема.
Во делот на опозициската коалиција предводена од ДУИ, тој рече дека се работи за, како што ги нарече, „стари, истрошени структури“.
– Повеќе од 20 години ги знаеме нивните перформанси, знаеме што правеа, имаме институционална меморија и така натаму – рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на Левица, Мицкоски оцени дека и оваа партија е опозиција, но оти во периодот кога имала можност да покаже свои перформанси преку две институции во Град Скопје, оставила блед или никаков впечаток.

