Британскиот министер Вес Стритинг ги повика граѓаните да чуваат залихи од готовина, флаширана вода и конзервирана храна дома во случај на војна или природни катастрофи, предупредувајќи дека Велика Британија се соочува со зголемен ризик од пожари, поплави, сајбер-напади и други закани.
Стритинг изјави дека на Британија ѝ е потребен пристап кој го вклучува „целото општество“ за да се зајакне националната отпорност, но нагласи дека граѓаните треба да останат „будни, а не вознемирени“ во врска со овие закани.
Во изјава за британскиот весник „Сан“ (The Sun), Стритинг рече дека подготовката на граѓаните не претставува голем товар, туку вклучува основни мерки на претпазливост.
„Дали имаат сè што им е потребно дома доколку привремено го изгубат пристапот до онлајн банкарството? Што ако снема струја?“ праша Стритинг.
Тој додаде дека граѓаните треба да бидат подготвени и за ризикот од шумски пожари или поплави.
„Тоа значи да имате одредена сума готовина дома, залихи од флаширана вода и конзервирана храна до кои ќе можете да пристапите ако снема струја и не можете да готвите на шпорет или во микробранова печка“, рече британскиот министер.
Стритинг истакна дека Велика Британија се соочува со ризици од непријателски држави и терористички групи, како и од сè поекстремни временски појави, вклучувајќи поплави и шумски пожари. Тој ги повика поединците да размислат како да се подготват за природни катастрофи, терористички напади или, во екстремни околности, за војна.
Стритинг предупреди дека таквите пораки би можеле да предизвикаат претерана реакција кај јавноста, но нагласи дека општествената отпорност е „секогаш важна за една земја“.
Британската влада исто така објави список со резерви за итни случаи кои препорачува секое домаќинство да ги има при рака во случај на катастрофа.
Списокот, меѓу другото, вклучува комплет за прва помош, батерии, џебна ламба и радио.
„СВОЗ ли“ Британски министер ги повикува граѓаните да се подготват за војна и природни катастрофи

