Сите сателити на Христијан Мицкоски седнати на едно место. Тотална шизофренија, вака лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ја коментира иницијативата „Разговори во 12:05“ која бара обединување на опозицискиот блок но, без Филипче.
Филипче на прес-конференција рече дека станува збор за мала група поранешни партиски функционери кои заедно со претставници на други партии дејствуваат за ослабување на СДСМ по налог на Мицкоски.
Посочи дека поранешни функционери на СДСМ седат на иста маса со луѓе од Левица која истакнува пораки против НАТО и е проруска ориентирана, а истовремено бараат промени во СДСМ.
Тоа ли сакаат? Тоа ли се нивните принципи и вредносни политики? Оваа партија дала заменик генерален секретар на НАТО, а тие седат со луѓето коишто во Собрание држеа транспарент дека НАТО е убиец. Еве со кои седаа пучистите вчера. Еве со овие луѓе и со претставници на други партии бараат промена во СДСМ, рече Филипче.
Прашува зошто оваа група настапува токму сега, во период кога рејтингот на ВМРО се намалува, а СДСМ се консолидира и бележи раст на поддршката.
Година дена наназад работат против партијата, роварат, зборуваат со луѓе, шират невистини, клевети, лаги. Се поставува прашањето зошто сега, во овој момент така силно излегоа во јавноста?, рече тој.
Филипче рече дека партијата продолжува со консолидацијата и со подготовката на политики во интерес на граѓаните.

