Пожар избувна ноќеска околу 4:00 часот во кафуле лоцирано во приземјето на трикатна зграда во Неа Јонија, Грција, при што пожарникарите мораа да ги евакуираат станарите кои во тоа време спиеле.
Кафулето каде што избувна пожарот е целосно уништено, додека становите на сите три ката претрпеа сериозни оштетувања, објави ЕРТ.
Чадот продолжи да излегува од балконите и од внатрешноста на зградата со часови по избувнувањето на пожарот, а пожарникарите останаа на местото на настанот.
Станарите изјавија дека слушнале силен тресок пред да започне пожарот.
Некои од станарите успеале да излезат низ главниот влез, додека други побарале спас на покривот поради густиот чад; пожарникарите потоа ги евакуирале на безбедно.
Причината за пожарот сè уште не е позната, а противпожарната служба го истражува инцидентот.
Меѓу можните причини што се испитуваат се инцидент поврзан со запаливи материјали или плински боци (ТНГ) кои можеби се наоѓале во кафулето.
Пред околу три години, во истото кафуле се случило пукање во кое загинало едно лице.
Избувна пожар во кафуле во Неа Јонија, Грција; тешко оштетена трикатна зграда

