Со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ја отвара новата концертна сезона „Филхармонија: On Air“. На концертот насловен „Симфониски бранови“ како солист ќе настапи 13 -годишниот машки сопран Алексис Изар Гордон.
Диригент е Александар Гордон, а на програмата се „Аве Марија“ од Франц Шуберт и Симфонијата бр.4 во ге-дур од Густав Малер.
Алексис Изар Гордон е член на Оперското училиште на Виенската државна опера, каде што се образува од својата осма година. Роден е во Лондон во 2013 година, во семејство на професионални музичари, а подоцна со своето семејство се преселува во Виена. И покрај младата возраст, Алексис веќе има значајно сценско искуство. Настапува во големи оперски продукции на Виенската државна опера, меѓу кои „Кармен“ од Бизе, „Пиковата дама“ од Чајковски, „Отело“ од Верди, „Боеми“ од Пучини, „Жената без сенка“ од Рихард Штраус и „Возек“ од Берг. Настапува и со Виенската филхармонија во „Пасион според Јован“ од Бах, како и во „Волшебната флејта“ од Моцарт.
На десетгодишна возраст го остварува своето деби во Стокхолм како сопрански солист во Четвртата симфонија од Густав Малер, под диригентство на својот татко, Александар Гордон Земцов. На дванаесетгодишна возраст го изведе солистичкиот дел во „Chichester Psalms“ од Леонард Бернштајн со Виенската филхармонија и хорот „Арнолд Шенберг“. Настапува и во камерни концерти со истакнати музичари, меѓу кои Јука-Пека Сарасте и Пека Куусисто.
За него се создадени и две нови дела – „Agnus Dei“ од украинскиот композитор Александар Родин и „Ave Maria“ од бугарската композиторка Борислава Танeва, кои ги праизвел во Финска. Покрај пеењето, Алексис изучува пијано, кларинет, виолина и виола. Особен интерес покажува и кон математиката и природните науки, а веќе има постигнато значајни резултати на национални математички натпревари.

