Речиси три четвртини од институциите на Европската унија го пренасочуваат својот е-маил сообраќај преку сервери во сопственост на американски компании, се наведува во студијата на Националната служба за информатичка технологија.
Студијата откри дека, и покрај загриженоста изразена од Европската комисија во врска со зависноста од големите американски технолошки компании, дури и е-маил сообраќајот на самата Комисија минува низ сервери во американска сопственост, пренесува холандскиот јавен сервис NOS.
Европската агенција за одбрана, разни регулатори на финансиските пазари, како и регулаторното тело за борба против тероризмот и перењето пари, исто така ги хостираат своите е-маил сервери кај американската компанија „Мајкрософт“ (Microsoft), додека Европската централна банка тоа го прави преку друг американски давател на услуги за е-пошта.

NOS забележува дека ова подразбира оти американските разузнавачки служби би можеле да ги следат е-пораките, како и дека американската влада би можела потенцијално да го попречи давањето на услугите.
Претходно оваа година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската унија „не може да зависи од други за технологија“ што овозможува функционирање на европските болници и енергетски мрежи, како и безбедност на услугите.
Европскиот парламент не користи американски е-маил сервери, а тоа не го прават ниту Европол, ниту Судот на правдата на ЕУ.

