Земји кои имаат значаен напредок во преговарачкиот процес за членство во Европската Унија, како што се Црна Гора и Албанија, би можеле да добијат свој комесар во Брисел уште пред формално да се приклучат кон ЕУ, објави бриселскиот информативен сајт „Еурактив“, повикувајќи се на нови планови што се разгледуваат во Европската комисија.
Според нацрт-документите во кои имал увид порталот, високи претставници на ЕУ размислуваат за зголемување на степенот на вклученост на новите членки во завршната фаза од нивниот пат за приклучување кон блокот.
Идејата предвидува поголема вклученост на земјите кандидати откако ќе го потпишат договорот за пристапување, односно пред сите 27 земји на ЕУ да ја завршат ратификацијата на документот, процес што би можел да трае со години.
„Сега, со оглед на промената на политичките ветрови низ Европа, сосема е разумно да се очекува дека овој период (на ратификација) ќе биде подолг. Целата идеја е да се продолжи тој период, кој во претходните кругови на проширување беше прилично ограничен“, вели Стивен Блокманс, заменик-директор на Меѓународниот центар за одбрана и безбедност од Талин.
Документите сугерираат дека новиот комесар би можел да учествува во дискусиите на состаноците на Комисијата и да помогне во обликувањето на законодавството на ЕУ, право што досега беше резервирано само за претставници од земјите членки.

„Комисијата смета дека е соодветно да се испита дали земјата што пристапува би можела да именува комесар и во текот на овој период. Тој комесар би можел да учествува во работата на Комисијата по релевантни прашања, притоа целосно почитувајќи ја автономијата, колегијалноста и колективната одговорност“, се наведува во еден од интерните документи на Комисијата.
Преземањето на функцијата комесар во зградата „Берлемон“, каде се наоѓа седиштето на Еврокомисијата, уште пред земјата формално да се приклучи кон ЕУ би претставувало историски преседан.
Како и во претходните кругови на проширување, откако земјата кандидат ќе го потпише договорот за пристапување, таа би можела да испрати и пратеници-набљудувачи во Европскиот парламент.
Комисијата, исто така, размислува да им овозможи на земјите кандидати одреден степен на институционална вклученост во порана фаза, откако формално ќе завршат преговорите за пристапување.
Во таа фаза, земјите би можеле да испратат набљудувачи, потенцијално и своите национални лидери, во највисокото политичко тело за носење одлуки во ЕУ, Европскиот совет.
Забрзување на „постепената интеграција“
Најавата за ваквите планови доаѓа во време кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се наоѓа на турнеја низ Западен Балкан, што ја започна вчера од Тирана, а утре ќе го посети и Скопје, и додека Комисијата подготвува поширока понуда за приближување на кандидатите за ЕУ кон блокот пред полноправно членство.

Понуда за приближување на кандидатите за членство вп ЕУ кон блокот уште пред полноправно членство се предвидува да се надоврзе на понудта за прогресивно подлабока интеграција во единствениот пазар, додека овие земји ги спроведуваат домашните реформи потребни за пристапување.
Кандидатите постепено ќе бидат вклучени во низа програми и шеми на ЕУ, вклучувајќи ја Единствената зона за плаќања во евра, истражувачката програма Хоризонт, трговијата со емисии, дигиталните јавни услуги, иницијативите за сајбер безбедност и програмата Важни проекти од заеднички европски интерес (ИПЦЕИ), која се однесува на проекти поддржани од ЕУ дизајнирани да поддржат големи стратешки инвестиции во области како што се технологијата и енергетиката.
„Безбедноста и одбраната треба да бидат меѓу првите приоритети за подлабока постепена интеграција“, се вели во интерен документ на Комисијата.

