Европската комисија и Украина синоќа објавија дека ги обезбедиле потребните средства за покривање на буџетските и одбранбените потреби на Украина за 2026 година и се договорија да ја забрзаат исплатата на средствата за 2027 година.
„Преку заеднички напори, ги идентификувавме средствата за покривање на буџетските и одбранбените потреби на Украина за 2026 година. Исто така, ги потврдивме чекорите неопходни за нивно навремено пуштање во употреба“, се наведува во заедничкото соопштение на Европската комисија и Украина, пренесено од Ројтерс.
Додека ја продолжува војната со Русија, Украина во голема мера се потпира на исплатите од пакетот заеми на Европската унија во вредност од 90 милијарди евра, наменет за оваа и за следната година.
Украина се соочува со тешкотии во затворањето на финансискиот јаз од 27 милијарди долари, потребен за продолжување на воените операции до почетокот на 2027 година, изјави во средата украинскиот премиер Серхиј Корецки.
Во заедничкото соопштение на ЕУ и Украина се истакнува дека се обезбедени средства за покривање на трошоците до крајот на оваа година, но истовремено се посочува дека пристапот до целосниот износ на средства ќе бара исполнување на условите на ЕУ во однос на политичките реформи. ЕУ и Украина, исто така, се договорија „брзо да продолжат“ со доделувањето на 45 милијарди евра во заеми од ЕУ за 2027 година, под услов да се исполнат утврдените барања.
„Блумберг“ претходно објави дека ЕУ го одбила барањето на Украина за забрзување на исплатата на средствата од заемите со цел да се покрие неочекуваниот финансиски недостиг.
Сепак, претставник на ЕУ запознаен со разговорите го оспори таквото толкување.
„Не сме затвориле никакви врати“, изјави претставникот, кој зборуваше под услов за анонимност поради доверливата природа на разговорите.
Тој додаде дека состанокот бил „многу продуктивен“ и дека се утврдил јасен пат за понатамошно дејствување, со кој се обезбедуваат потребните средства за 2026 година, а истовремено се започнува со работа на барањата за 2027 година.
ЕУ: Обезбедени средства за буџетските и одбранбените потреби на Украина за 2026 година

