По информациите во хрватските медиуми за несакани реакции од вакцина БСЖ, Комисијата за имунизација донесе одлука за времено одложување на имунизацијата со оваа вакција се додека не се добијат комплетни податоци за сериите, квалитетот и асоцираноста со појава на несакани реакции.
Имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава. Потенцираме дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза, информира Министерството за здравство.
Во моментот, на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза од кои 83 се од годинава, а на Детската болница Козле во 2025 се евидентирани 15 случаи, додека годинава 12 нови случаи.
Од здравство велат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина (во август 2022 година), која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината.

