Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека пензискиот систем во земјава е стабилен и засега, според него, нема потреба од зголемување на старосната граница или постепено зголемување на придонесот до 20 проценти.
Во моментот имаме стабилен пензиски систем и во таа насока ќе продолжиме и во иднина. Не треба апсолутно никој да се грижи. Владата и јас лично цениме дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна и не треба да се грижат пензионерите, изјави Мицкоски.
Вели дека Владата ги анализира сите препораки што доаѓаат од домашни и меѓународни институции, но дека конечната одлука ја носи врз основа на сопствените проценки.
Во земјава, вели Мицкоски, има околу 709 илјади вработени и за оптимален економски развој се потребни околу 800 илјади.
Затоа го сменивме Законот за работни односи и овозможивме секој кој се чувствува работно способен да може својот работен век да го продолжи до своите 67, 68, дури во одредени области и до 70 години. Нормално, ако се обновува договорот со работодавачот секоја година, рече Мицкоски.
Трендот со недостиг на работна сила, според него, е тренд секаде во Европа и светот.
Фискалниот совет вчера излезе со препораки за реформи затоа што во спротивно ќе се зголемува буџетската дупка. Оттаму меѓу другото порачаа постепено зголемување на придонесот до 20 проценти и напуштање на ад-хок зголемувањата на пензиите.
Првиот човек на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Никола Мемов вчера на презентацијата се согласи дека една од реформите е постепено зголемување на придонесот, нешто што го покажале и анализите на ПИОМ.

