На втората форумска сесија на проектот „Зајакнување на општинските совети – 2“ што се одржа на во просториите на Град Скопје, формираните работни групи имаа можност да ги презентираат своите концепти за идни проекти што произлегоа од работата во првата форумска сесија и да дискутираат за нивните цели и придобивки.

На работниот состанок беа презентирани четири концепти што може да прераснат во проекти, и тоа:
– Од отпад до уметност;
– Уредени, функционални и безбедни урбани зелени површини за безбедно движење – пешачење, спортување и рекреирање;
– Пристапни јавни установи – набавка и поставување на монтажни рампи за лицата со попреченост;
– Еко детективи – дигитална мапа на отпадот.
По презентацијата на четирите концепти, работните групи добија насоки како од нив да разработат предлог проекти кои ќе придонесат за подобрување на урбаното живеење и ќе бидат од корист за граѓаните.

Проектот „Зајакнување на општинските совети – 2“ е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а е спроведуван од УНДП и Град Скопје. Тој нуди можност граѓаните, здруженијата на граѓани и претставниците на институциите да разменуваат идеи и да даваат предлози за реализација на конкретни проекти, а на крајот да се избере најдобриот проект кој ќе се реализира со финансиски средства од предвидениот фонд.


