Американецот Девин Џејкоб Балард, припадник на Маринскиот корпус стационирана во воздухопловната база „Футенма“ на јапонскиот остров Окинава, е уапсен под сомнеж за убиство на 39-годишната Ана Јаги во хотел во градот Наха и кражба на нејзиниот паричник и други предмети.
Полицијата се сомнева дека Јаги починала откако 20-годишниот Балард ја задавил стискајќи ја за вратот. Тој ги негира обвиненијата, а случајот е проследен до Канцеларијата на државниот обвинител на главниот град на Окинава, Наха.
Случајот предизвика протести во Окинава и Токио и повторно го отвори прашањето за договорот што го регулира статусот на американските војници стационирани во Јапонија. Префектурното собрание на Окинава побара темелна ревизија на договорот и нови мерки за спречување на американската војска да извршува злосторства.
Јапонскиот министер за надворешни работи Тошимицу Мотеги го повика американскиот амбасадор Џорџ Глас и вложи официјален протест, нарекувајќи го случајот „исклучително брутален“ и побара целосна соработка на САД во истрагата, построга дисциплина меѓу американските војници и мерки за спречување на слични инциденти во иднина.
Мотеги телефонски разговараше и со американскиот државен секретар Марко Рубио за мерки за спречување слични инциденти.
Како што соопшти јапонското Министерство за надворешни работи, Мотеги го повторил ставот на Владата во Токио и изразил жалење за случајот, додека Рубио изразил сочувство за смртта на јапонската државјанка и рекол дека САД целосно ќе соработуваат со властите за време на истрагата. Двајцата шефови на дипломатии, исто така, потврдиле дека двете земји ќе разговараат за конкретни мерки за спречување слични случаи.
Окинава со децении го носи поголемиот дел од товарот на американското воено присуство во Јапонија. Островот е дом на околу 70 проценти од американските воени инсталации во земјата, иако Окинава е само мал дел од јапонската територија. Повеќето од приближно 18.000 американски маринци стационирани во Јапонија се таспоредени на островот.
Тензиите околу американските бази и однесувањето на дел од воениот персонал тлеат со децении, а претходните случаи на силување, напад, сообраќајни несреќи и други кривични дела постојано предизвикуваа големи протести.
По најновиот инцидент, американската војска во Окинава привремено ги прекина некои активности за обука за дисциплина, ја забрани консумацијата на алкохол и воведе ноќен полициски час за своите сили во траење од еден месец.

