Три дена по избувнувањето на пожарот на дивата депонија кај Арачиново, на терен и натаму има чад, и покрај дождот што врнеше вчера. Состојбата повторно го отвора прашањето за загадувањето на воздухот, ризикот по здравјето на граѓаните и ефикасноста на институциите во справувањето со пожарите на нестандардните депонии.
Пожарот кој избувна на 10 октомври беше локализиран по брза интервенција, но остатоците продолжуваат да чадат.
На состојбата реагираат еколошките активисти, кои бараат итна реакција и конкретни мерки за решавање на проблемот. Од Зелен хуман град на социјалните мрежи побараа итна реакција од надлежнте.
„Депонијата во Арачиново повторно гори. Надлежните институции веднаш да излезат на терен и да го изгаснат пожарот, одгасат метанот, да ја заградат депонијата, а комуналните служби што одлагаат отпад таму да бидат санкционирани, да бидат поднесени кривични пријави против нив и да им биде одземена дозволата за управување со отпад, ако воопшто и ја имаат!“, објави Зелен хуман град.
Со реакција излезе и Левица, која наведе дека депонијата во Арачиново повторно гори, чадот се шири кон Скопје, а надлежните институции повторно покажуваат дека се неспособни да обезбедат основни услови за живот.
„Додека граѓаните пријавуваат чад, печење во грлото и носот и солзење на очите, од Центарот за управување со кризи ги упатуваат да се обратат во медиумите. Општината ги препраќа до комуналното претпријатие, кое тврди дека случајот го пријавило. Така, секоја институција ја префрла одговорноста на друга, а ниту една не го решава проблемот. Тие се договараат за чива е надлежноста, а ние во меѓувреме дишеме отров“, велат од Левица.
Бараат итно гаснење на пожарот и интервенција на сите надлежни служби, утврдување кривична одговорност за институционалната негрижа, како и транспарентен и континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот.
Од Министерството за животна средина е побаран одговор дали се направени мерења на квалитетот на воздухот по пожарот кај Арачиново и дали се утврдува одговорност за случајот. Одговори од Министерството се очекуваат во текот на денот, како и информации од Државниот инспекторат за животна средина и Општина Арачиново.
Пожарот во кумановската Краста гори шест месеци
Пожарот на нестандардната депонија „Краста“ во Куманово гори со месеци, а овој месец мештаните од околните села ја блокираа депонијата поради постојаното чадење.
Во меѓувреме, од ДОМ велат дека пожарите на нестандардната депонија „Краста“ во Куманово, која гори веќе шест месеци, како и пожарот на депонијата во Струмица, се аларм дека управувањето со комуналниот отпад во Македонија бара итни и суштински промени.
Од партијата предупредуваат дека горењето на отпадот го загадува воздухот и може да ослободува опасни соединенија, вклучително и канцерогени диоксини и фурани.
„Здравјето на граѓаните не смее да биде заложник на нефункционален систем“, велат од ДОМ.
Дополнителна загриженост предизвикува податокот од Министерството за животна средина дека, според Законот за депонирање, законски дозволи за депонирање имаат само три депонии во државата – „Дрисла“ и депониите во Гевгелија и Гостивар.
Од ДОМ посочуваат дека „Краста“ се користи со одлука на Општина Куманово, но нема дозвола за депонирање од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Партијата бара општинските инспектори и Државниот инспекторат за животна средина да постапуваат ефикасно, секој во рамките на своите надлежности.
„Не е доволно институциите да реагираат откако ќе избие пожар – потребни се превенција, контрола и одговорност“, наведуваат од ДОМ.
Од таму оценуваат дека регионалниот систем за управување со отпад доцни со години, додека регионалната депонија кај Свети Николе сè уште не е реализирана. Затоа бараат преиспитување на досегашниот пристап и конкретни решенија, наместо нови ветувања.
Како едно од можните решенија ја посочуваат и можноста за централна постројка за енергетско искористување на отпадот, со капацитет до 300.000 тони годишно и проценета инвестиција од 100 до 120 милиони евра.
Од ДОМ, сепак, нагласуваат дека ваквата инвестиција мора да биде оправдана со студија за изводливост, транспарентна постапка и строги еколошки стандарди.
„Согорувањето на отпадот не смее да биде изговор за дополнително оптоварување на граѓаните со загадување“, велат од ДОМ, барајќи целосна транспарентност за видовите и количествата отпад што се користат како алтернативно гориво, емисиите и резултатите од мониторингот.
Според нив, секоја нова постројка за третман или енергетско искористување на отпадот мора да се планира на соодветна локација, надвор од населени места, со процена на влијанието врз животната средина и здравјето на луѓето, строга контрола на емисиите и достапни податоци за јавноста.
Од ДОМ додаваат дека енергетското искористување не смее да ги замени селекцијата и рециклирањето, туку треба да ги надополни. Потребни се, како што наведуваат, стимулации за примарна селекција, поефикасно собирање и третман на отпадот, посилен инспекциски надзор и отчетно трошење на јавните и европските средства.
„Сите досегашни влади ја задолжуваа државата со милијарди евра. Ако се задолжуваме, средствата мора да се вложуваат во функционални системи што носат долгорочна корист за граѓаните“, наведуваат од партијата.
Од ДОМ порачуваат дека чистиот воздух, здравјето на луѓето и заштитата на животната средина мора да бидат приоритет и повикуваат на одговорност и системски решенија.
Во меѓувреме, граѓаните очекуваат конкретни информации за состојбата со пожарот кај Арачиново, мерењата на квалитетот на воздухот и мерките што ги преземаат надлежните институции за спречување на дополнително загадување.
Стотици диви депонии во Македонија
Во Македонија постојат 54 комунални депонии и стотици диви, кои сериозно ја загрозуваат животната средина.
Најпогоден е Пелагониски плански регион, каде има голем број диви депонии, а тие преставуваат сериозен проблем и за главниот град.
Дивите депонии претставуваат сериозен ризик за животната средина, бидејќи можат да ја загадат почвата, водата и воздухот.

