Повеќе од 100 странски планинари останаа блокирани во различни делови на Непал, откако надојдена река во централниот дел на земјата во текот на викендот однела патеки и мостови, соопштија локалните власти.
Непалските власти денеска спасија 321 лице, меѓу кои и 12 странски државјани, откако свлечиште на околу 100 километри западно од главниот град Катманду го затрупало коритото на реката Будхи Гандаки. Поради тоа дошло до поплавување на подрачјата низводно.
Вооружените сили соопштија дека спасувачката операција ќе продолжи и утре.
Реката Будхи Гандаки е притока на реката Тришули, која се наоѓа по друга притока каде што во август уривање на глечер предизвика катастрофални поплави во кои загинаа 1.457 луѓе, додека илјадници и натаму се водат како исчезнати.
Засега нема информации за загинати во најновото невреме, но петмина локални жители се сметаат за исчезнати. Водената стихија однела куќи и оштетила инфраструктура, меѓу која и три хидроцентрали.
Бхуван Раџ Оџа, претставник на проектот што опфаќа популарна планинарска маршрута, изјави дека повеќе од 100 странски туристи се блокирани во различни подрачја бидејќи не можат да се вратат назад поради тоа што дел од патеката е однесен.
„Туристите кои сакаат да се вратат поради поплавата треба да бидат спасени. Оние кои сакаат да го продолжат планинарењето, можат да го направат тоа од безбедни места“, изјави Оџа за Ројтерс.

