Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ќе ги посети Хрватска, Црна Гора и Бугарија во рамки на турнејата низ Азербејџан и Балканот, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Ванг Ји, член на Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и министер за надворешни работи, на 15 октомври ќе учествува на Седмата конференција на високо ниво за интеракција и градење доверба во Азија, која ќе се одржи во Баку. Тој ќе учествува како специјален пратеник на кинескиот претседател Си Џинпинг.
По посетата на Азербејџан, Ванг ќе ги посети Хрватска, Црна Гора и Бугарија, во серија посети што треба да завршат до 20 октомври.
Неговата турнеја се одвива во период кога Пекинг настојува да ги зајакне трговските коридори и своето геополитичко влијание во регионот. Кинескиот весник „Саут Чајна морнинг пост“ оценува дека земјите што ќе ги посети се значајни за кинеските интереси во Југоисточна Европа.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг изјави дека Кина се надева дека на самитот во Баку ќе започне сеопфатен дијалог со сите земји, ќе го поддржи мултилатерализмот и ќе работи на подобрување на управувањето во Азија.
„Додека меѓународната и регионалната ситуација станува сè посложена и понестабилна, азиските земји имаат сè посилна желба за зачувување на мирот и стабилноста и за поттикнување на економскиот раст“, рече Мао на прес-конференција.
Таа додаде дека за време на турнејата Ванг ќе се сретне со министрите за надворешни работи на земјите што ќе ги посети и ќе разговара со нивните лидери.
Турнејата опфаќа важни логистички центри и инфраструктурни партнери на Балканот долж Средниот коридор, познат и како Транскасписки меѓународен транспортен коридор. Тој ја поврзува Кина со европските пазари преку Казахстан, Каспиското Море, Азербејџан, Грузија и Турција, заобиколувајќи ја Русија.
Хрватска, Црна Гора и Бугарија се вклучени и во кинеската иницијатива „Појас и пат“, глобална трговска и инфраструктурна иницијатива чиј центар е Кина.
„Хрватска, Црна Гора и Бугарија се важни партнери за Кина во Југоисточна Европа“, изјави Мао, додавајќи дека Пекинг со овие земји има значајна соработка во областите на трговијата, инвестициите, туризмот и инфраструктурата.

