Два танкера за гориво закотвени во водите на Црното Море кај брегот на Романија биле нападнати од дронови, по што на нив избувнале пожари, соопшти романскиот претседател Никушор Дан.
Првиот танкер бил „Јара Џеј“, што плови под знамето на Коморите, и според извештаите, тој се наоѓал во романските територијални води.
Вториот брод „Вајн Трејдер“, кој плови под знамето на Сан Марино, се наоѓал на околу 24 километри од романскиот брег, во близина на устието на Дунав. Пет члена на екипажот на овој танкер се спасени, а седум други се водат како исчезнати и по ниц се трага.
Претходно во текот на изминатите две недели, пет товарни бродови веќе беа погодени од дронови во истата област, од кои два потонаа. Засега не е познато кој стои зад нападите, но Бугарија и Романија, како и западните земји, се сомневаат дека зад нив стои Русија.
Романскиот претседател Дан информирајќи за инцидентите одби да потврди дали Русија стои зад нападите. „Сакаме целосни информации за тоа што се случило, но ќе има реакција од страна на Романија“, рече Дан.

Романското Министерство за одбрана претходно соопшти дека над романските води било забележано беспилотно летало, но дека подоцна тоа исчезнало од радарите. Сепак, според извештаите, дронот не бил забележан во реонот каде што се наоѓале погодените бродови.
Претходни напади во западниот дел Црното Море
Во текот на изминатите две недели, уште пет товарни бродови во регионот беа погодени од дронови. На 5 октомври, турски товарен брод беше нападнат во близина на романскиот брег. Романските власти не посочија кој е одговорен, но според Украина, станувало збор за руско беспилотно летало.
На 6 октомври, уште два товарни брода беа погодени од дронови во специјалната економска зона на Бугарија. Бродовите се наоѓале на околу 128 километри од брегот и, според извештаите, биле погодени од „воздушни и поморски дронови“.
Првиот брод, „Алфа Ватан“, претрпе сериозни оштетувања и потона. Судбината на екипажот сè уште е непозната. Вториот брод, „Ејбл“, се запалил, но екипажот беше навреме спасен.

Бугарскиот премиер Румен Радев ги нарече нападите „неприфатливи“ и „кршење на меѓународното поморско право“. Сепак, бугарската Влада одби да потврди дали Русија е одговорна за нападите.
На 13 октомври, уште два брода беа погодени во близина на бугарскиот брег. И во овој случај, едниот брод, „Дигнити“, потона, а дел од неговиот екипаж сè уште не е пронајден. Другиот брод, „Челзи-3“, претрпе помали оштетувања.
Овојпат, Радев директно ја посочи Русија како виновник, но исто така наведе дека случајот сè уште е предмет на истрага. Бугарското МНР дури и го повика рускиот амбасадор на разговор поради нападите.
По инцидентите генералниот секретар на НАТО, Марк Руте навести дека Алијансата ќе го прилагоди својот одбранбен став во Црното Море.
Според најавите, за бројните инциденти од изминатите неколку недели, како и за начинот на кој треба или не треба да се реагира, ќе се разговара и следната недела за време на состанокот на НАТО.

