Пет лица загинаа, а 16 други се повредени при напад на јеменските бунтовници Хути врз Претседателската палата во градот Аден, соопшти Министерството за здравство на Јемен.
Според истиот извор, во време на нападот, кој бил извршен вчера доцна попладне, јеменскиот премиер Шаја ал-Зиндани бил во зградата, но тој и другите членови на Владата останале неповредени.
По преземањето на контролата на јеменскиот главен град Сана од страна на Хутите, институциите на меѓународно признатата Влада на Јемен се преместија во Аден, на југот од земјата.
Полициски извори за медиумите изјавија Хутите истрелале неколку ракети кон објекти на јеменската Влада во Аден, вклучитечно и врз Претседателската палата „Ал-Машик“.
Според владини извори, меѓу загинатите во нападот се и двајца припадници на безбедносните служби.
Хутите синоќа презедоа одговорноста за нападите, тврдејќи дека тие биле насочени кон команден центар и складиште за оружје во владината Палата во Аден. Според Хутите, со нападнатиот командниот центар раководат офицери на Армијата на Саудиска Арабија.
Овој месец Хутите извршиле 20 напади врз аеродромот во Ријад
Во меѓу време, саудиската армија соопшти дека од почетокот на октомври Хутите извршиле 20 напади врз Меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад, при што вкупно загинале 17 лица, а повеќе од 300 се повредени.

Покрај тоа, според истиот извор, Хутите се обиделе да нападнат и десетици други цели во Саудиска Арабија, вклучувајќи други аеродроми, нафтена инфраструктура и пристаништа.
Притоа, тие користеле балистички ракети и дронови. Во некои од овие напади, исто така, имало жртви.
Саудиска Арабија, која во конфликтот во Јемен ја поддржува меѓународно признатата Влада, ги повикува Хутите веднаш да ги прекинат нападите врз цивилите и цивилната инфраструктура во земјата.
Но, Хутите, кои се поддржани од регионалниот ривал на Саудиска Арабија, Иран, се оглушуваат на ваквите повици и дури наврзо потоа апелот од Ријад дистрибуираа порака во која се наведува дека саудискиот воздушен простор и аеродроми не се безбедни.

