Актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, и носител на листата на владејачката Српска напредна партија (СНС), изјави дека очекува убедлива победа против главниот конкурент, Студентската листа, со разлика од повеќе од 400.000 гласови.
Доколку СНС победи на изборите, Вучиќ би станал премиер и би го продолжил своето речиси 14-годишно владеење. Неговиот најсериозен ривал на изборите оваа недела е Студентската листа, која се појави по две години антивладини протести предводени од студентите.
„Тие се лажат себеси со приказната дека ќе победат, а нивните лидери знаат дека губат“, рече Вучиќ на провладината телевизија Пинк.
Вучиќ: Ќе победиме со повеќе од 400.000 гласови
„Ова се бајки и приказни за мали деца. Разликата ќе биде толку голема што ќе бидат шокирани, најмалку 400.000 гласови“, додаде Вучиќ.
6,45 милиони српски граѓани имаат право да гласаат на изборите на 25 октомври.
Опозицијата, студентите и невладините организации предупредуваат дека „прогресивците“ би можеле да прибегнат кон злоупотреби, со оглед на тоа што бројните препораки на ОБСЕ за ревидирање на избирачкиот список и подобрување на изборниот процес не се спроведени.
Вучиќ, сепак, возвраќа со контраобвинувања. „Апсолутно ништо нема да направиме, освен што нема да ви дозволиме да ја украдете изборната волја на народот. Нема да ви дозволиме да ги украдете торбичките (со гласови) и записниците, нема да ви дозволиме да украдете ниту еден глас во Србија“, нагласи Вучиќ.

