Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители бараат од Уставниот суд итно да ги разгледа поднесените иницијативи за оценување на уставноста на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители, како и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители со кои по третпат беа намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители.
Со одлука на Извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители се изразува сериозна загриженост заради непостапувањето на Уставниот суд по поднесените иницијативи, со што не само што се доведува во прашање самостојноста на Јавното обвинителство и принципите на владеење на правото, туку и се создава сериозен диспаритет помеѓу судската и јавнообвинителската функција, што е во спротивност со европските и меѓународните стандарди, велат оттаму.
За јавните обвинители е несфатливо секое одлагање на одлуката или доведување во прашање на принципите на независност и самостојност во постапувањето на јавното обвинителство, за кои Уставниот суд веќе се произнел и ги потврдил како неспорни.
Ставовите кои ги оспоруваат овие принципи се опасен преседан, кој не само што е спротивен на европските стандарди за владеење на правото, туку и се заканува да предизвика сериозен одлив на јавнообвинителски кадар и со тоа да го загрози нормалното извршување на јавнообвинителската функција, велат оттаму.
Посочуваат дека платите на јавните обвинители во државава се компаративно најниски од сите останати земји во регионот.
Сите овие состојби, придружени и со хроничниот недостаток на јавнообвинителска служба, буџет и основни услови за работа, создаваат апсолутно неодржлива ситуација која се заканува да го загрози функционирањето на обвинителството, а со тоа да се одрази директно врз остварувањето на правата и заштитата на граѓаните, се наведува во соопштението.

