Писмениот дел од правосудниот испит треба да се полага на јазикот на кој кандидатот го завршил високото образование, додека усниот дел, кој опфаќа симулација на граѓански и кривичен спор, треба да се одвива на македонски јазик, како официјален јазик во правосудниот систем. Ова е ставот на Владата што денеска го повтори премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање за барањата на студентите за полагање на правосудниот испит на албански јазик.
Прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик повторно се актуализираше по средбата што министерот за правда Јетон Шасивари вчера ја одржа со претставници на студентите и деканите на правните факултети. На средбата беше презентиран предлог според кој теоретскиот дел, односно 12 предмети, би се полагале на албански јазик, додека практичниот дел, составен од два предмета, би се полагал на македонски јазик.
Но, договор не беше постигнат, бидејќи студентските претставници инсистираат целиот испит да им биде достапен на албански јазик и најавија дека доколку не се најде решение што ќе го прифати нивното барање, ќе продолжат со притисокот и протестите.
Мицкоски денеска нагласи дека не е спорно правото на високо образование на мајчин јазик, но, според него, треба да се прави разлика меѓу образовниот процес и функционирањето на правосудниот систем.
„Не знам јас какви се процентите и како ги пресметуваат таму. Ставот на Владата е јасен. Правосудниот систем во Македонија е едно, а правото да се завршува високото образование на мајчин јазик е друго. Така што, никој не го оспорува правото да се заврши високо образование на јазикот на кој државата го овозможила“, рече Мицкоски на настанот за промоција на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила.
Тој посочи дека наставата на правните факултети во земјава се одвива и на три јазици различни од македонскиот, поради што смета дека писмениот дел од испитот треба да биде на јазикот на кој кандидатот го стекнал високото образование.
Мицкоски нагласи дека во правосудниот систем треба да се почитува принципот franca lingua, односно употребата на заеднички јазик за комуникација, за кој рече дека во Македонија е македонскиот јазик и се повика и на препораката на Венецијанскаѕа комисија во врска со Законот за употреба на јазиците.

