Најмладиот милионер во земјава има само четири години со остварен приход од 3,1 милиони денари или околу 50,4 илјади евра, а највисока годишна бруто плата од 139,1 милион денари (2,2 милиони евра) е исплатена од скопска фирма во дејноста вадење камен јаглен. Ова се податоците што денеска ги објави Управата за јавни приходи.
Најмладиот милионер од само четири години априте ги добил од дивиденда од една домашна банка. Од друга страна, најстариот милионер има 97 години и тој лани остварил приходи од пензија од 1,1 милион денари или околу 17,8 илјади евра.
Директорката на УЈП, Елена Петрова денеска изјави дека највисок бруто доход кој го остварило едно лице во државата, а кој произлегува од повеќе извори (плати, закупнини, дивиденди…) oстварил граѓанин од Гевгелија, кој пријавил вкупни приходи од 257,5 милиони денари односно речиси 4,2 милиони евра. По него е Охриѓанец со 254,3 милиони денари или 4,1 милион евра, а потоа тројца скопјани, со 222,3 милиони денари, односно 196 милиони и 192 милиони денари.
Кога ги објавуваме податоците од Годишните даночни пријави, јавноста најчесто го забележува она што е највисоко – кој има најголем доход, која е највисоката плата најголемата дивиденда или најголемата капитална добивка. И тоа секако е интересен дел од статистиката, но, за нас во Управата за јавни приходи, овие податоци кажуваат многу повеќе. Тие ни даваат даночна слика на економијата – колку доход е остварен, од каде доаѓа, како е распределен и како се менува структурата на доходот, рече Петрова.


