Европската комисија денеска соопшти дека започнала истрага против веб сајтот „Букинг“, бидејќи се сомнева дека компанијата да не го почитува Законот за дигитални услуги на ЕУ, кој воспостави правила за големите технолошки компании со цел подобра заштита на корисниците.
Според Комисијата, оваа платформа за патувања „не презема доволно мерки за борба против измамите“.
Истрагата е отворена бидејќи компанијата не ги проценила и доволно внимателно не ги ублажила „ризиците од измамнички понуди“. Според Комисијата, исто така не биле преземени соодветни мерки за сузбивање на ризикот од фишинг-измами.
Дополнително, се тврди дека „Букинг“ ги прекршил правилата за транспарентност, бидејќи понудите за кои компаниите платиле за да се појават повисоко во резултатите од пребарувањето, не биле јасно означени како реклами.
Организациите за заштита на потрошувачите велат дека редовно добиваат поплаки од корисници на „Букинг“.
Имало случаи луѓе да резервираат хотел, но по пристигнувањето на местото откриваат дека тој хотел воопшто не постои. Уште почесто се случуваат многу веродостојни обиди за фишинг. Луѓето добиваат е-порака или порака од хотел во која се потврдува нивната резервација, но се испоставува дека податоците се украдени од „Букинг“ и на тој начин криминалците доаѓаат до парите на корисниците.
Според организациите за заштита на потрошувачите ова укажува на безбедносен проблем на платформата, поради што сметките на хотелите не биле соодветно заштитени и дошло до истекување на податоци.
Ова не е прва истрага за кршење на правилата
Од воведувањето на Законот за дигитални услуги во 2023 година, неколку големи платформи веќе се соочија со одговорност. На пример, според Европската комисија, сметките наменети за млади на ТикТок не ги исполнуваат пропишаните безбедносни стандарди.
„Мета“, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, според ЕК, исто така не презема доволно мерки за да ги заштити децата од пристап до овие платформи. Поради тоа, компанијата се соочува со парична казна во износ од неколку милијарди долари.
Комисијата сега темелно ќе го истражи „Букинг“ и ќе собере докази за можни прекршувања на правилата. Исто така, таа може да преземе и одредени мерки против платформата.

