Кандидатката за генерален секретар на Обединетите нации Ребека Гринспан доби 11 гласа „за“ на седмото неформално гласање во Советот за безбедност, што е нејзин најдобар резултат досега во трката за наследник на Антонио Гутереш.
Гринспан, поранешна потпретседателка на Костарика, освои 11 од 15 можни гласа, додека четири членки на Советот гласале против неа, објави Ројтерс, повикувајќи се на дипломатски извори.
Ова е најсилниот резултат на Гринспан во досегашните седум неформални гласања зад затворени врати.
Во последното гласање учествуваше и новата кандидатка, дипломатката од Обединетите Арапски Емирати Лана Нусејбе, која доби седум гласа „за“, шест „против“ и два гласа „без мислење“.
За препорака од Советот за безбедност се потребни најмалку девет гласа „за“, без противење од ниту една од петте постојани членки – САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија. Последното гласање не било организирано на начин што би овозможил да се утврди како гласале постојаните членки.
Мандатот на актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш истекува на 31 декември годинава. Кој и да го преземе раководењето со организацијата, ќе се соочи со повеќе меѓународни кризи, војни, намалување на американските финансиски придонеси и ослабено политичко влијание на ОН.

