Доколку партиите од белгиската владина коалиција не постигнат договор за државниот буџет за 2027 година, Белгија ќе се најде многу поблиску до услови какви што имаше во Грција во 2010 година, отколку што се мисли, предупреди синоќа белгискиот вицепремиер и министер за буџет Винсент Ван Петегем.
Петегем алудира на тешката должничка криза што избувна во Грција во 2010 година, која ја втурна земјата во долгогодишни проблеми и наметна потреба од спроведување длабоки реформи.
„Затоа е важно да седнеме на маса и да ја преземеме одговорноста“, истакна Ван Петегем во гостување на јавниот радиодифузен сервис ВРТ.
Доколку партиите не постигнат договор за буџетот до крајот на оваа недела, Белгија би можела да се соочи со предвремени избори.
„Ја разбирам фрустрацијата кај луѓето, но изборите не би биле добри за ниту една партија, а ниту за земјата“, оцени Ван Петегем.
Според него, независно од изборниот резултат, повторно ќе следат „шест до осум месеци преговори за формирање влада“, што само ќе ги напласти проблемите.
„Тогаш се соочувате со финансиските пазари кои будно ја следат нашата земја. Тогаш се соочувате со каматни стапки што ќе почнат да растат. А проблемот, сепак, останува ист, заклучи Ван Петеген.
Со цел да се изнајде излез од владината криза и да с еизбегнат предвремени избори во Белгија, белгискиот крал Филип вчера започна разговори со лидерите на владејачките партии.
Откако партиите од владината коалиција не успеаја да постигнат договор за буџетот на Белгија за 2027 година, белгискиот премиер Барт Де Вевер му ја понуди својата оставка на кралот, но суверенот засега ја одложи својата одлука за нејзино прифаќање и одбивање, додека не ги заврши консултациите со партиските лидери.

