Платформата за социјални медиуми TikTok помага во промовирањето и нормализирањето на секс-индустријата, овозможувајќи им на инфлуенсерите да објавуваат видеа чија цел е пренасочување на корисниците кон порнографска содржина на платформи како што е OnlyFans, тврдат истражувачи од Обединетото Кралство и Австралија.
Студијата, насловена „Канали од TikTok до OnlyFans“, открива дека популарни инфлуенсерки користеле емоџија и сугестивни гестови за да навестат дека нивната содржина за возрасни е достапна на други платформи, пренесува The Guardian.
Иако на TikTok е забрането спомнувањето на OnlyFans или објавувањето директни линкови кон таа платформа, овие инфлуенсерки испраќале шифрирани пораки додека снимале видеа од своето секојдневие или давале совети за шминкање.
„Во виралните објави, креаторките на OnlyFans ги информирале своите следбеници на TikTok за заработката што ја оствариле преку продажба на сексуална содржина. Честа тема во овие објави е дека продажбата на сексуални услуги на OnlyFans води до фантастичен живот – исполнет со слобода, забава, пријателства и многу пари“, се наведува во извештајот.
Понатаму се истакнува дека младите жени често ги користат своите објави за да прикажат животен стил што вклучува возење скапи автомобили и патување со приватни авиони – што е овозможено благодарение на илјадниците мажи кои ја следат нивната содржина. „OnlyFans е претставен како решение за сиромаштијата и невработеноста од страна на изведувачките кои споделуваат приказни за тоа како станале богати почнувајќи од ништо. Отворањето сметка на OnlyFans се промовира како решение што ги спасува жените“, се вели во извештајот.
Податоците од платформата OnlyFans покажуваат дека 5.000-те креатори со најголема заработка, поединечно заработиле повеќе од еден милион долари од лансирањето на платформата во 2016 година.
Според извештајот, просечната годишна заработка на петте милиони регистрирани изведувачи на сајтот се проценува на околу 1.000 долари.
Раководството на TikTok изјави дека строго го забранува споделувањето или прикажувањето на сексуална содржина и дека користи напредни технологии за спроведување на правилата на заедницата.
„Нашите системи се дизајнирани да спречат содржината што не е соодветна за возраста да стигне до тинејџерите“, наведоа од TikTok.
Истражување: TikTok обвинет за промовирање на секс-индустријата

