Жителите на Калифорнија се изјаснија против усвојувањето на еднократен данок на богатство од пет отсто за милијардерите, познат како „Предлог 40“.
Според резултатите од референдумот, одржан на 3 ноември, „против“ предлогот се изјасниле 52,8 отсто од гласачите, додека 47,2 проценти гласале „за“.
Предлогот беше поднесен од каалифорнискиот огранок на Меѓународниот синдикат на услужни работници – Обединети здравствени работници-Запад (СЕИУ-УХВВ) и со него се предвидуваше воведување данок од пет отсто за жителите на Калифорнија чиј имот надминува една милијарда долари.
Најголем дел од тие средства требаше да се користат за финансирање на здравството, со оглед на тоа што за време на администрацијата на американскиот претсдетаел Доналд Трамп беа спроведени одредени кратења на федералните трошоци, а десет отсто од приходите ќе беа наменети за подобрување на образованието и за финансирање програми за исхрана.
„Предлог 40“ доби значителна поддршка од левите и прогресивните демократи, како што е сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, кој подолго време се залага за дополнителни даноци за најбогатите Американци.
Од друга страна, постоеше и силно противење на предлогот меѓу демокртаите, вклучитечно и актуелниот демократски гувернер на Калифорнија, Гевин Њусом, кој водеше кампања против предлогот. Како и другите критичари на предлогот и тој сметаше дека овој данок ќе ги натера богатите Американци да ја напуштат државата.
Впрочем, овие богати жители значително придонесуваат за буџетот на Калифорнија. Противниците на данокот тврдеа дека доколку „Предлог 40“ биде усвоен, тоа би значело долгорочна загуба за државата од 100 милијарди долари.
Таборот што гласаше „против“ вложи значителни средства во својата кампања – вкупно 333 милиони долари. Тоа е дури 10 пати повеќе отколку што потрошија поддржувачите на предлогот. Само коосновачот на „Гугл“, Сергеј Брин, потроши 100 милиони долари за да се спротивстави на предлогот. Истиот тој Брин, непосредно пред гласањето, се исели од Калифорнија, исто како и голем број други богати граѓани.
Дали повторно во 2028 година?
Синдикатот што го поднесе предлогот нема намера лесно да се откаже. Оттаму велат дека ќе продолжат да се залагаат за заштита на здравствената заштита и на оние на кои им е потребна нега. Предлогот би можел повторно да се појави во 2028 година.
„Купувањето на изборите не е исто што и победа во дебатата. Милијардерите си купија привремена победа, но сè уште не можат да го купат крајот на оваа дебата. Ова е само првата рунда“, се вели во соопштението.
Калифорнија е една од најбогатите сојузни држави во САД, со економија што генерира 4,5 трилиони долари годишно. Кога би била независна држава, таа би била четвртата најбогата земја во светот. Таму живеат вкупно 250 милијардери. Сепак, во оваа држава постои и огромна нееднаквост: најбогатите 10 отсто од населението заработуваат дури 11 пати повеќе од најсиромашните 10 отсто од жителите.

