Пет различни интервенции за кои е познато дека го продолжуваат животниот век кај глувците имаат нешто заедничко – го зголемуваат нивото на една природна супстанција што се внесува преку исхраната, откриле научници од Универзитетот во Мичиген. Станува збор за ерготионеин, соединение кое го има во печурките, а истражувачите сметаат дека неговото следење би можело да помогне во развојот и проценувањето на идните терапии против стареењето, објави научниот портал ScienceAlert.com.
Интересот за научното истражување на процесите што го забавуваат стареењето постојано расте, особено поради тоа што бројни здравствени проблеми, како деменција, губење на видот, рак и остеопороза, стануваат почести во подоцнежните години од животот.
Тимот научници сакал да утврди дали различните третмани за продолжување на животниот век имаат заеднички биолошки или хемиски карактеристики.
Во истражувањето биле опфатени пет интервенции за кои претходно било утврдено дека го продолжуваат животниот век кај глувците: лековите рапамицин, акарбоза, канаглифлозин и 17α-естрадиол, како и ограничувањето на калорискиот внес.
Научниците користеле програма за анализа со вештачка интелигенција за да ги откријат постојаните промени во биологијата на глувците изложени на овие интервенции. Податоците од четири третмани биле користени за да се провери дали системот ќе може да го препознае и петтиот, кој не бил вклучен во почетната анализа, врз основа на неговите хемиски карактеристики.
Во 33 од вкупно 35 тестирања, вештачката интелигенција успешно ги разликувала глувците изложени на петтиот третман од оние кои не добивале третман.
„Бидејќи сите пет интервенции го продолжуваат животниот век кај машките глувци, ова укажува дека потврдените лекови против стареењето предизвикуваат групи промени специфични за одделни ткива, кои наликуваат на промените предизвикани од други лекови од оваа група, како и кај глувците со ограничен калориски внес“, наведуваат истражувачите.
Ерготионеинот бил единствената молекула што се издвојувала како еден од главните показатели во повеќе од два типа ткива. Неговото ниво се зголемувало во мозокот и крвта на глувците при сите пет интервенции. Станува збор за природна супстанција која ја содржат габите, вклучително и печурките, а животните ја внесуваат преку исхраната.
Сепак, научниците предупредуваат дека резултатите сè уште не докажуваат дека ерготионеинот директно го забавува стареењето или го продолжува животот. Истражувањето не вклучувало глувци изложени на третмани за кои е познато дека не влијаат врз животниот век, па затоа не може со сигурност да се утврди дали забележаните промени се специфични за интервенциите против стареењето.
„Можно е утврдените обрасци, целосно или делумно, да се појавуваат секогаш кога глушецот е изложен на долготраен третман со лекови или промена во исхраната“, наведуваат истражувачите, додавајќи дека во тек се дополнителни испитувања за да се провери оваа можност.
И покрај разликите во хемиските промени што ги предизвикувале петте интервенции, истражувањето открило и одредени сличности во начинот на кој организмот управувал со телесните масти.
Научниците се надеваат дека понатамошните истражувања ќе овозможат ерготионеинот да се користи како биолошки показател за процена на ефективноста на третманите против стареењето. Засега, податоците се однесуваат само на глувци, а за примена кај луѓето ќе бидат потребни дополнителни истражувања.
„Потрагата по лекови што го одложуваат или забавуваат стареењето кај луѓето би можела да биде олеснета со користење на метаболички профили од крвната плазма, за да се утврди кои лекови предизвикуваат промени слични на оние забележани кај глувците кои стареат побавно“, наведуваат истражувачите.
Истражувањето е објавено во научното списание „Frontiers in Aging“.

