Министерoт за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ денеска ги повика партиите што ја добија довербата на гласачите на изборите во земјата на 4 октомври што е можно поскоро да формираат влада, предупредувајќи дека Босни и Херецговина нема време за чекање, додека лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик повторно се заканува со отцепување на Република Српска.
„Ги повикувам победниците на изборите сериозно да сфатат колку е сериозна геополитичката ситуација во регионот и во светот“, рече Конаковиќ, чија партија Народ и правда (НП) освои само два пратеника на изборите и најави преминување во опозиција.
Конаковиќ изјави дека партиите што одат во опозиција нема да бидат пречка за формирање на новата влада, но дека очекува победниците да го забрзаат процесот.
Тој предупреди дека треба сериозно да се сфатат разните ултиматуми што ги постави Додок за фомирање на идната коалиција, додавајќи дека не смее да му се даваат „алатки за отцепување“ на Република Српска од БиХ.
Додик како предуслов за формирање коалиција со партиите на Бошњаците и Хрватите го постави поништувањето на сите одлуки на високите претставници што не беа потврдени од Парламентот на БиХ, како и реорганизација на Уставниот суд на земјата со воведување етнички квоти при изборот на неговиот состав и при механизмите за носење одлуки.
Конаковиќ истакна дека охрабрувачки е што Хрватската демократска заедница на БиХ (ХДЗ) покажува интерес да го преземе Министерството за надворешни работи, бидејќи, според него, тоа „дури ни во лудило, не смее да му се остави на Додик“.
Тој рече дека идната опозиција е подготвена да му помогне на Парламентот на БиХ што е можно поскоро да ги усвои законите за судовите и за Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) и да назначи лице кое ќе ги води преговорите со Европската Унија.
Овие три услови беа поставени од Европската комисија пред повеќе од две години со цел да се отворат пристапните преговори со БиХ, но поради внатрешните блокади во земјата, тоа досега не се случи.
Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидатки, БиХ доби најлоши оценки досега, со заклучок дека сите реформски процеси во неа се заглавени.

