Го искористивме моментот на промоција на авторизираната биографија на Славе Димитров од Максим Ристески, што деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, којашто е дел од „Арс Ламина – публикации“, за да направиме краток разговор со Димитров – еден од клучните творци на златната ера на македонската забавна музика, книга насловена како „Чија си“, што на 160тина страници ја претставува животната и музичка приказна на Славе.

Најнапред честитки за промоцијата на вашата авторизирана биографија со наслов „Чија си“. Можете ли сега после настанот да ни објасните зошто токму името на насловот „Чија си“, какви се спомени ве врзуваат за оваа нумера, којашто го надмина и терминот евергрин, станувајќи препознатлива за сите генерации и како си поминавте на промоцијата?
Ви благодарам на честитките. Изборот на насловот беше сосема природен, бидејќи речиси сите луѓе на овие простори веднаш ме поистоветуваат со „Чија си“. Нејзината мелодија тлееше во моите мисли уште од 1969 година по битолските улици, сè додека драгиот Благој Стефановски не ги напиша стиховите кои совршено се споија со нотите. На Скопскиот фестивал во 1971 година ја изведовме во две алтернации – јас и Крунослав Киќо Слабинац. Иако освоивме второ место од публиката, народот нè прогласи за морални победници; песната беше на првото место на култната емисија „Три гонга“ повеќе од една година, а на дочекот на 2000 година беше крунисана како Песна на милениумот. Како што своевремено напиша театарската критичарка Лилјана Мазова: „Чија е? Моја, ваша, на сите нас!“.
Што се однесува до самата промоција, си поминав прекрасно и бев искрено трогнат. Беше неверојатно топол, емотивен и достоинствен собир на кој присуствуваа моето семејство, драги колеги од културата и генерации почитувачи на мојата музика. Разговорите и потпишувањето книги траеја доцна во ноќта, и тоа ми покажа дека сработеното во сите овие децении навистина допрело до срцата на луѓето.
Книга од овој формат претставува некаква хронологија и пресек на вашето децениско творештво како автор, но што за еден уметник од ваш калибар значи еден ваков момент?
Овој момент за мене има огромно емотивно значење, особено затоа што се совпаѓа со три убави јубилеи: мојот 80. роденден, шест децении творештво и 55 години од премиерата на „Чија си“. Сепак, оваа книга не ја доживувам само како сув пресек на мојата лична кариера или список на фестивалски награди. Таа претставува документ за едно златно време на македонската музика и култура – сведоштво за социјалниот контекст, за генерациите што твореа со искрен ентузијазам, за соработките со врвни поети и за секојдневието во Битола, Белград и Скопје

Посебно сум му благодарен на авторот Максим Ристески. Ние се познаваме повеќе од 35 години, уште од соработката со групата „Нулта позитив“. Тој имаше трпение со месеци да копа по моето сеќавање и да го запише токму она што самата музика не може секогаш директно да го каже за човекот што стои зад песните. Среќен сум што ова наследство е сочувано за идните генерации.
Во животот сте работеле на музика за фестивали, тв драми, филмови, серии, за себе, но и за други. Пишувате ли музика и денеска и дали подготвувате некаков нов проект?
За мене творештвото никогаш не престанало, бидејќи добрата музика нема крај – таа постојано живее и повторно се остварува. Секогаш кога ќе седнам крај пијаното, во мене тлеат нови хармонии и мотиви. Применетата музика за филм („Исправи се, Делфина“), за театар и за култните серии како „Опстанок“, „ДО-РЕ-МИ“ и „Дајте музика“ отсекогаш ми беше посебна пасија, затоа што бара драматургија, мера и органско следење на дејствието.
Што се однесува до новите проекти, мојот непосреден и најголем фокус во моментов е големиот концерт насловен „Од Евридика до Чија си“, што ќе се одржи на 28 ноември во Македонската филхармонија. Концертот го подготвува Националниот џез оркестар под диригентската палка на Џијан Емин. Тоа ќе биде доживување каде што дел од моите најзначајни композиции ќе бидат претставени во адаптирани оркестарски аранжмани од страна на младиот аранжер и џез пијанист Гордан Спасовски, испеани од повеќе наши истакнати вокални солисти, на што многу се радувам.
Некаде во редовите на вашата биографија стои податокот дека, вие сте меѓу првите којшто го воведува комјутерот како помагало во процесот на создавање на музиката. Објаснете ни ги вашите гледишта за иднината на музиката и колку технолошките достигнувања во ова време се помош или кочница, кога станува збор за креативата на еден уметник?

Вистината е дека секогаш бев љубопитен и отворен кон новото време. Во првата половина осумдесетите година го купив комјутерот Комодере, а подоцна и аналогните синтисајзери. Во 1982 година ги искористив аналогните синтисајзери Roland Jupiter-8 и Minimoog за електронската верзија на „Саноќ седам Трено“, а во 1986 година со Славко Авсеник Џуниор за првото издание на „Макфест“ бевме први во поранешна Југославија што направија фестивалски аранжмани со дигитален семплер – емулатор. Подоцна работев на дигитализација и компјутерско архивирање на метадатите на фонотечните добра во Радио Скопје.
Моето гледиште е дека технологијата е извонредна алатка кога служи како помагало, за обработка на податоци, анализа и брзина. Но, кога станува збор за чистата креативност – таа може да биде сериозна замка. Денес, со вештачката интелигенција, секој може да се нарече „музичар“ – машината го има впиено сето светско наследство од Моцарт наваму, го пакува и го продава. Проблемот е што често добиваме убава, сјајна „обланда“, а кога ќе ја отворите внатре нема ништо. Денес сè поретко чувствувам нешто длабоко човечко во модерната музика. Технологијата мора да биде само слуга на емоцијата, на автентичниот вкус и на естетиката, а не замена за душата.
Вие сте композитор, аранжер, изведувач, продуцент, што за вас претставува најголем предизвик кога би ги споредувале овие занимања?
Сите тие улоги се испреплетени, но ако морам да издвојам, најделикатен и најтежок предизвик отсекогаш биле аранжманот и музичката продукција. Уште во 1968 година, како млад студент, во интервју за „Џубокс“ изјавив: „Аранжманот, како што може да ја подигне композицијата, така може и комплетно да ја упропасти“. Многу автори прават грешка – ги натрупуваат аранжманите само за да докажат колку теоретско знаење имаат. Мојата филозофија секогаш беше обратна: најтешко е да направиш нешто едноставно, што ќе остане.
Кај вокалната музика, мојот главен патоказ отсекогаш бил зборот. Добриот текст сам ја исцртува патеката по која треба да се движи музиката, а ритамот и хармонијата мора да бидат во потполна служба на мелодискиот мотив. Како продуцент, мојата цел не беше да се наметнувам, туку да му помогнам на пејачот да ја извади својата најприродна боја, зашто верувам дека песната не може уверливо да се испее ако претходно длабоко не се разбере.
Во кариерата на сите врвни уметници, сепак постојат и приватни задоволства кои можеби се помалку познати за јавноста. Ме интересира вашата емоција во однос на кариерата на вашите синови, кои се исклучително успешни професионалци кога станува збор за музиката. Колку како татко ви претставува гордост успешноста на своите деца?
Тоа ми претставува најголема животна радост и неопислива гордост. И Оливер и Дарко израснаа во нашиот дом каде што пијаното го делеше само еден ѕид од нивната детска соба – тие буквално заспиваа и се будеа со создавањето на моите аранжмани. И двајцата го завршија своето академско музичко образование и се изградија во врвни, признати професионалци.
Оливер покажа неверојатна авторска и продуцентска зрелост со албумот „Воанергес“, кој е запишан како прв македонски албум со амбиентална електронска музика. А за Дарко речиси и нема потреба да трошам зборови – тој стана еден од најголемите музички продуценти и архитекти на поп-звукот на целиот Балкан. Посебно ми е драго што неговата пресвртница да влезе во музиката се случи токму кога на училишната претстава во гимназијата го натераа да ја отпее мојата „Чија си“, по што ја создаде „Нулта позитив“ и хитот „Отвори го пенџерчето“. Како што често знам да кажам сосема искрено и без никаква суета: најсреќен сум кога денес помладите генерации ме препознаваат токму како татко на Дарко Димитров!

Во што во животот сте ја пронашле најголемата музичка инспирација и што сè уште може музички да ве возбуди? Можеме ли да се надеваме на нова фестивалска револуција или состојбата со Фестивалите во Македонија е коректна?
Мојата најдлабока инспирација отсекогаш се наоѓала на онаа фина линија меѓу духот на нашето поднебје и светските културни текови. Длабоко ги почитувам македонските народни и староградски ремек-дела, нивниот автентичен мелос, но истовремено секогаш страсно ги следев врвните современи музички движења – француската шансона, италијанскиот канцон од Санремо и џезот. Сè уште може вистински да ме возбуди искрена, едноставна мелодија во која тонот и поетскиот збор дишат како едно.
Што се однесува до фестивалите, за жал, состојбата денес е далеку од она што треба да биде. Во златната ера на Скопскиот фестивал и на почетоците на „Макфест“, постоеше јасна граница меѓу аматеризмот и високиот професионализам. Се снимаше во живо со ревиски оркестри, со сериозна селекција и продуцентски стандарди. Денес кај нас практично не постои вистински музички пазар, па фестивалите често се сведуваат на формалност без долгорочна визија. За да се случи нова фестивалска револуција, неопходно е враќање на професионализмот, сериозна институционална поддршка, дигитализација и пред сè – вистинско почитување и заштита на авторските права на создавачите на музика.
По 8 декади, кога ќе се завртите зад себе, можете ли да го резимирате вашиот 80-годишен професионален животен пат, дали сте задоволен од она што го постигнавте и за што највеќе се радувате или пак жалите? Некоја неостварена желба?
Кога ќе погледнам наназад, можам со мирен дух да кажам дека сум потполно задоволен и исполнет човек. Мојот пат не беше лесен речиси без пари и без грб. Морав да ги издржам сите сопнувања и неправди по патот, но секогаш одев простум и со сопствен труд. Успеав да го реализирам она што го посакував и замислував како композитор, аранжер и продуцент. Најмногу се радувам што песните како „Чија си“, „Делфина“, „Нежност“, „Тивко, тивко“ или детските теми како „Светот е полн со убавина“, “Во светот на Баjките”,”Зелката” останаа да живеат кај народот и кај младите генерации.
Ако за нешто искрено жалам, тоа е што како општество дозволивме да згаснат големите продуцентски ансамбли на нашата радиотелевизија, и што со децении морав да водам тешка, речиси донкихотовска битка за праведна заштита на авторските права и достоинството на македонските творци.
Големи неостварени желби немам. Мојата единствена желба и завет кон помладите автори е да не брзаат по минлива слава, туку да создаваат музика со љубов, мерка и чесност – музика што ќе знае да допре до срцата на луѓето.
Книгата излегува во годината кога се одбележуваат 80. роденден на Славе Димитров (роден е на 1 јуни 1946, во Битола), и шест десетлетија од почетокот на неговото творештво. Воедно, годинава се навршуваат 55 години од првото јавно изведување на неговиот безвременски хит „Чија си“, што беше прогласен за песна на минатиот милениум. Книгата веќе се наоѓа во слободна продажба.

