Форумот на жени на ВЛЕН изрази згрозеност од зачестените случаи на тешки облици на насилство врз жените, од кои дел завршиле и со смртни последици, повикувајќи ги државните органи на прогон и правосудните институции да обезбедат целосна и неселективна правда.
Во реакцијата по бруталниот напад врз девојката во Охрид, од Форумот наведуваат дека не сакаат страдањето на жртвата да го политизираат, а на повредената девојка ѝ посакуваат побрзо физичко и психолошко закрепнување.
„Од почит кон последната жртва на машко насилство не сакаме нечие страдање да го политизираме. Затоа, на претепаната девојка – жртва од Охрид ѝ посакуваме побрзо физичко и психолошко закрепнување од траумите кои ги доживеала. Искрено се надеваме дека нејзиното семејство ќе изнајде сила да се справи со сите предизвици“, се наведува во реакцијата.
Од Форумот на жени на ВЛЕН упатуваат порака до органите на прогон и правосудната власт дека несоодветното санкционирање на насилството и евентуалната селективна правда може да доведат до сериозни последици и губење на довербата во институциите.
„Ако системот избегнува соодветно да санкционира насилничко поведение заради различни причини, тогаш со евентуална селективна правда сите ризикуваме да се појави самовластие, кога блиските на жртвата ќе бидат принудени да делуваат во нужна одбрана и самите да ја истераат правдата за своето чедо“, предупредуваат од Форумот.
Тие додаваат дека како жени, меѓу кои има и родители на малолетни деца, не смеат да дозволат ниту еден родител да биде доведен во состојба на силна вознемиреност и афект поради институционално непостапување.
„Алармот е вклучен. Како општество не смееме да дозволиме било кој родител да биде доведен во состојба на силна раздразливост (афект) во кој ќе стане принуден да преземе чекори од кои нема назад“, се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН посочуваат дека иако родителите понекогаш не ги препознаваат грешките на своите деца, насилството врз жените не може да има оправдување.
„Правдата мора да биде истерана до крај, без калкулации и обиди за тргување со политичко влијание“, порачуваат од Форумот на жени на ВЛЕН.

