Учесниците на 31-вата Конференција на ОН за климата (КОП31) што се одржува во турскиот туристички град Анталија вчера во попланевните часови на увид го добија предлог финалниот политички текст, кој домаќинот Турција се надева дека ќе биде усвоен на крајот на собирот.
Документот го содржи и турскиот предлог за „електрификација 35×35“ како глобална цел за зголемување на уделот на електричната енергија во вкупната финална потрошувачка на енергија од денешните приближно 23 отсто денес на 35 проценти до 2035 година.
Но, експертите посочуваат дека станува само за работен документ и веројатно и ќе претрпи многу измени до конечната верзија. Така, текстотповикува на „забрзано постепено укинување на фосилните горива“, нешто што е неприфатливо за земјите производители на нафта.

Текстот има одредби што се тешко прифатливи и за Европа. На пример, се повикува на „постепено укинување на мерките поврзани со климата, кои ги ограничуваат трговските текови, до крајот на 2027 година“.
Иако во документот тоа не е наведно, на сите им е јасно дека се однесува на Механизам за гранично јаглеродно прилагодување (СиБАМ). Станува збор за такса на Европската Унија за увоз на производи со висок јаглероден отпечаток, како струја, челик, цемент и алуминиум, од земји надвор од ЕУ, со цел да се спречи загадувањето и да се изедначат нивните со цените на европските производители.
СиБАМ е еден од клучните столбови на европската климатска политика, чија цел е да ја заштити европската индустрија од конкуренцијата од региони каде што не се наплаќаат климатски даноци.
Во вакви услови на почетокот на последната недела од заседанието на КОП31 останува да се чекаат следните верзии на финалниот текст, за да се види кои формулации ќе бидат ублажени, преформулирани или целосно избришани.

Предложениот текст е резулатат на напорната подготвителна работа зад кулисите во текот на минатата недела, додека на сцената во Анталија светските лидери ги одржуваа своите традиционални говори на КОП31.
Во услови на поделеност околу содржината на текстот, арапските земји и дел од државите во развој, пред се производителите на нафта, се на став дека воопшто не е ни потреба завршен документ со политички цели од собирот.
Климатската конференција треба да заврши в петок, но доколку Турција остана на определбата за усвојување на финален документ, не е исклучено преговорите да продолжуваат и за време на викендот.

