Детскиот креативен центар при МКЦ ги повикува најмладите да земат учество во проектот „Ликовни работилници“. Проектот ќе се реализира како тринеделен циклус на ликовни работилници, а програмата е осмислена како серија од три тематски средби во кои учесниците заеднички ќе истражуваат различни ликовни дисциплини и материјали.
Учесниците ќе бидат поделени во две групи според возраста. Првата група ќе биде составена од деца на возраст од 5-8 години, а втората група за деца од 9-12 години. Работилниците ќе ги организира и води интердисциплинарниот уметник, м-р Доротеј Нешовски.
На крајот од циклусот работилници, планирана е завршна изложба која ќе има отворен карактер.
Преку сликарство, графика и моделирање со глина, учесниците ќе развиваат креативно размислување, ќе го осознаат ликовниот јазик и ќе учат да работат со разни материјали и техники. Учесниците на ликовните работилници преку интеракција и соработка со своите врсници и професионални ментори ќе го дополнат и оплеменат своето формално образование.
Темите на работилниците се:
СЛИКАРСТВО – ФАНТАЗИЈА, БОЈА И ФОРМА
Истражување на имагинарни светови, необични пејзажи и суштества, како и создавање апстрактни композиции преку игра со боја, форма и личен ликовен израз.
ГРАФИКА – ЛИКОВИ И ЖИВОТНИ ВО ГРАФИКАТА
Креирање ликови и животински мотиви по сопствена инспирација, нивно поедноставување во графички форми и експериментирање со отпечаток и печатење на графичка преса.
СКУЛПТУРА – ЖИВОТИНСКИ СВЕТ И ПРЕДМЕТИ ОД ФАНТАЗИЈАТА
Моделирање со глина и создавање мали тридимензионални форми инспирирани од животинскиот свет, фантазијата и секојдневните предмети.
Работилниците ќе се одржуваат во три дена /два термини и тоа на 21.11.2026, на 28.11.2026 и на 5.12.2026 во Детскиот креативен центар во МКЦ. Терминот за работилниците за деца од од 5-8 години ќе биде од 17-18 ч. а вториот термин за деца од 9-12 години ќе биде од 18.30-19.30 ч.
Работилниците се бесплатни, пријавувањето се врши на мејл: dorotej.arts@gmail.com, најдоцна до 20.11.2026.

