Никогаш досега еден американски претседател не седнал на иста маса со лидерите и на Русија и на Кина. Историска средба, што ќе се одржи утре на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Шенжен, веќе се споредува со легендарната Конференција на Јалта од крајот на Втората светска војна, кога лидерите на Русија, САД и Велика Британија заеднички одлучуваа за судбината на Европа, која, пак, воопшто не беше присутна на преговорите. Дали сега ќе видиме слично сценарио?
На Конференцијата на Јалта, одржана во некогашната летна палата на рускиот цар, тројцата победници одлучија да ја поделат Германија на три зони на влијание – по една за секој од нив. Подоцна, Велика Британија и САД отстапија дел од својата територија на Франција. Под притисок на американскиот претседател, тројцата лидери исто така се согласија да им дозволат на другите европски земји сами да одлучуваат за својата иднина преку слободни избори.
Сталин се согласи, но постави услов идните влади во Источна Европа да бидат наклонети кон Москва, со цел да се спречи нова германска инвазија. Бидејќи по војната Црвената армија го окупираше целиот регион, Сталин по конференцијата успеа да постави комунистички марионетски режими во речиси сите земји што граничат со Советскиот Сојуз, како и во Источна Германија, при што Западот не беше во можност воено да интервенира.
Осумдесет години подоцна, токму рускиот претседател Владимир Путин инсистираше на средба меѓу „Големата тројка“ на овој век: лидерите на САД, Кина и Русија. Самитот на АПЕК се покажа како соодветна можност за тоа.
Од рибарско село до ултрамодерен мегаполис
Шенжен веќе со недели се подготвува за Самитот на АПЕК. За нешто повеќе од 40 години, ова место се трансформираше од обично рибарско село на границата со Хонгконг во ултрамодерен центар за финансии и технологија.
Шенжен е исто така дом на технолошки гиганти како „Тенсент“, „Хуавеј“ и „БИД“. Ова е првпат во градот да се одржува меѓународен самит од ваков калибар.
Во градот се поставени стотици дополнителни камери, на сила е привремена забрана за употреба на дронови, а привремени полициски пунктови се сместени во приватни домови од кои се гледа конференцискиот центар. Со најавениот самит меѓу тројцата претседатели, очите на целиот свет сега се вперени кон овој град во јужна Кина.
Не премногу ентузијастички домаќин
Чудно е тоа што домаќинот на оваа историска средба, кинескиот претседател Си Џинпинг, делува само умерено ентузијастички. Откако Белата куќа минатиот петок ја најави средбата, а Москва ја потврди, во Пекинг владееше молк. Дури три дена подоцна, Министерството за надворешни работи потврди дека претседателот Си ќе одржи самит со рускиот претседател Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
Според професорот Џанг Џунхуа, точно е дека претседателот Си не е премногу расположен да седне на маса со Путин и Трамп. „Си одлучи формално да го прифати предлогот на Русија за да не го повреди егото на Путин. Всушност, тој смета дека Путин е инфериорен во однос на него и Трамп“, смета Џанг.
Истовремено, Си Џинпинг јасно стави до знаење дека трите страни мора да се придржуваат до однапред внимателно договорената агенда и не смее да се отвораат нови теми во последен момент.
Значи, нема простор за импровизација, нешто во што американскиот претседател Трамп понекогаш е особено вешт.
Но, што всушност содржи агендата? И што се надеваат дека ќе добијат тројцата лидери од оваа средба? За Путин, место на масата меѓу двајцата најмоќни лидери во светот треба да послужи како јасен доказ дека Русија сè уште е голема сила. Идеално, тој би добил поддршка и од Си и Трамп за решение во Украина според неговите услови, без мешање од страна на Европејците. Тука повторно се наметнува аналогијата со Конференцијата од Јалта.
Белата куќа, пак, на самитот во Кина гледа како на идеална можност за разговор за намалување на нуклеарното оружје. Последниот договор СТАРТ меѓу САД и Русија, кој се однесуваше на ограничувањето на стратешкото нуклеарно оружје, истече во февруари. Според Вашингтон, нов билатерален договор нема многу смисла, а Кина, како нуклеарна сила во подем, мора да биде вклучена во идните договори.
Светски мир
За жал, Кина не сака ниту една од овие теми да биде ставена на маса. Си веќе претходно навести во разговор со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер дека не сака да разговара за Украина на приватна средба со своите колеги од Русија и САД.
„Украина е европски проблем и тој не може да се реши без Европејците на масата“, рекол наводно Си, според Штајнмаер.
Според Џанг Џунхуа, Си има и свои мотиви зошто не сака самитот во Шенжен да го претвори во форум за иднината на Украина. „Кина не сака да ја антагонизира Украина, бидејќи се надева дека ќе добие значителен удел во обновата на земјата по војната“, вели Џанг.
Исто така и дискусијата за ограничување на бројот на нуклеарно оружје засега не е на дневен ред. Русија и САД моментно поседуваат по околу 5.000 боеви глави. Тоа се речиси 90 отсто од вкупните светски залихи. Кина поседува околу 620. Ако Кина сега склучи договор за намалување или замрзнување на бројот на нуклеарно оружје, тоа би значело и трајно замрзнување на таа нерамнотежа.
Па, што всушност е ставено на маса во Шенжен? „Светскиот мир. Длабока размена на мислења за унапредување на стратешката стабилност во односите меѓу големите сили“, изјави во понеделникот портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
Роботи, дронови и автономни такси-возила
Но, ако Кина не сака да постигне конкретни договори за намалување на нуклеарното оружје или за ставање крај на војните, што би можело да придонесе за светскиот мир и зошто воопшто го организира овој самит?
„Ова е идеална можност за Си да покаже како Кина, под негово водство, станала ултрамодерна земја“, вели Џанг.
Шенжен е идеално место за тоа, со своите автономни такси-возила и минибуси, паметното управување со сообраќајот и употребата на роботи и дронови во секојдневниот живот.
„На улиците во Шенжен, технологијата на вештачка интелигенција веќе се користи насекаде, на англиски и на кинески јазик. Си сака да му покаже на светот дека Кина е веќе многу понапред од Западот“, вели Џанг.
Затоа, самитот во Шенжен не изгледа како настан што ќе прерасне во втора Јалта и малку е веројатно дека ќе бидат донесени одлуки со далекусежни последици.
„Во најдобар случај, Си ќе им дозволи на другите двајца да дадат неколку општи изјави, но на масата нема да има простор за суштински дискусии“, вели професорот Џанг.
Во 1945 година, навистина беа преземени одлучувачки чекори и беа донесени одлуки што длабоко го променија повоениот свет. Во текот на изминатите 40 години, отприлика од почетокот на трансформацијата на Шенжен, светот повторно драматично се промени: тивко, Кина стана економска суперсила.
Во глобалната игра Европа, и тоа не само симболично, ѝ го отстапи своето место на Кина. Токму тоа ќе им стане јасно на сите по конференцијата во Шенжен.

