Европската комисија се соочува со обвинувања дека оневозможува пристап до внатрешни пораки и документи кои би можеле да појаснат зошто, на почетокот на 2025 година, го повлекла контроверзниот законодавен предлог што се однесува на патенти неопходни за стандарди (standard-essential patents). Постојат сомневања дека врз оваа одлука влијаел потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, пренесува денеска „Политико“ (Politico).
За време на расправа пред Општиот суд на Европската унија во Луксембург, беше обелоденето дека германскиот европратеник од редовите на социјалдемократите, Тиемо Волкен, побарал пристап до внатрешната документација во врска со причините за ненадејното повлекување на предлогот.
Комисијата изјави дека поседува само еден релевантен внатрешен документ – записник од приватен состанок меѓу шефовите на кабинетите – но одби да го обелодени.
Адвокатот на Волкен, Карстен Цехлер, истакна дека е тешко да се поверува оти не постои никаква внатрешна електронска преписка во врска со прашање од толкаво политичко и економско значење.
Во февруари 2025 година, Европската комисија објави дека го повлекува предлог-прописот за лиценцирање на патенти неопходни за стандарди, образложувајќи ја одлуката со недостаток на јасна поддршка од законодавците.
Предлогот беше официјално отфрлен во јули истата година, иако преговорите меѓу Европскиот парламент и земјите-членки сè уште траеја. Предлогот предизвика сериозен судир на интереси меѓу носителите на патенти – меѓу кои се Nokia, Ericsson, Qualcomm и Huawei – и компаниите што ги користат нивните технологии, како што се производителите на телефони и автомобили.
Сомневањата за можен политички притисок беа поттикнати од фактот што одлуката за повлекување на предлогот беше објавена истиот ден кога Венс се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на самит за вештачка интелигенција во Париз.
Во нивниот разговор биле опфатени теми како вештачката интелигенција, Украина и трансатлантските односи. Велкен, кој учествуваше во преговорите во врска со предлогот, изјави дека преговарачкиот тим не бил известен за одлуката – иако, само неколку дена претходно, тој разговарал за финализирање на заеднички став со претставници од Полска, земјата што претседаваше со Советот на ЕУ.
Европската комисија, пак, пред судот изнесе аргумент дека во барањето на пратениците во Европскиот парламент не било доволно прецизно наведено оти тие бараат пристап до интерни електронски пораки создадени пред донесувањето на одлуката.
Комисијата, исто така, се соочува со посебен правен спор покренат од Европскиот парламент во врска со повлекувањето на предлогот.
Пратениците тврдат дека Комисијата ги пречекорила своите овластувања и дека правото на повлекување законодавни предлози не смее да се користи како политичка алатка за заобиколување на парламентарната работа.
Судиите не наведоа кога ќе биде донесена одлука по овој предмет.
ЕК обвинета за криење преписка во врска со повлекувањето на контроверзен предлог-закон за патенти

